Референдумот ќе помине со посилно убедување


Резултатите од првата јавно објавена анкета, која за Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) ја спроведе агенцијата „М-проспект“ во периодот од 24 јули до 1 август 2018 година, одат во прилог на проценките дека референдумот за договорот со Грција може да помине, иако на конечниот исход ќе влијаат повеќе фактори кои треба да се искристализираат во наредниот период, велат истражувачи на јавното мислење.
Истражувањето покажа дека мнозинството анкетирани, 66,4 отсто, изјавиле дека ќе излезат да гласаат на референдумот, додека 19,8 се веќе определени да бојкотираат. Сè уште не одлучиле 11,9 проценти. На референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“ 41,5 проценти се изјасниле „за“, а „против“ 35,1 проценти. Нема да гласаат 12,4, не знаат – 9,2 отсто.
Од друга страна, речиси половина од испитаниците, 50,3 отсто, воопшто не се согласуваат со ставката во договорот која предвидува промена на името во Северна Македонија, а целосно се согласуваат 26,7 (донекаде се согласуваат 15,6 отсто, а донекаде не се согласуваат 3,3). Сличен е сооднос и во однос на тоа промената да биде ерга омнес (име кое ќе се користи во сите ситуации и од страна на сите, вклучувајќи и внатрешна употреба). Со тоа воопшто не се согласуваат 51,3 отсто од испитаниците, а целосно се согласуваат 22,8 (донекаде се согласуваат 12,7, а донекаде не се согласуваат 5,8 отсто).
Како и при речиси секоја анкета што е спроведена досега, проблем се интерпретациите на резултатите кои често може да бидат точни, но заклучоците кои се изведуваат може да бидат погрешни. Дел од медиумите објавија дека референдумот ќе биде успешен, дел дека мнозинството граѓани се против промена на името и Уставот.
„Не може да говориме за трендови бидејќи станува збор за прво мерење на пулсот на граѓаните. Сепак, резултатите одат во прилог на проценките дека референдумот може да помине, иако на конечниот исход ќе влијаат повеќе фактори кои треба да дадат појасна слика наредниот период околу тоа дали и во кој дел ќе има евентуално поголеми поместувања“, вели Александар Кржаловски од МЦМС, чија анкета најблиску ги предвиде резултатите од последните парламентарни избори од 11 декември 2016 година.
Според него, сè додека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ не го каже својот дефинитивен став околу референдумот, за очекување е да расте бројот на оние кои се „за“, поради активната кампања која полека добива на интензитет, како и на оние кои ќе го бојкотираат референдумот и кои одамна се присутни во јавноста, пред сè преку социјалните мрежи.
– Одредени проценки кажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ нема да повика на бојкот, но и во таков случај ќе биде исклучително важно дали партијата ќе води активна кампања за гласање против, со што би се зголемиле шансите да се дојде до потребниот цензус, но конечниот исход ќе биде сосема неизвесен“, вели Кржаловски.
Забележливо е, додава тој, дека анкетата за референдумот покажува дека процентот на гласовите кај Македонците сè уште е многу низок. Дури 88 отсто од етничките Албанци се „за“, а минимални 2,2 „против“. Кај етничките Македонците, пак, „против“ се 45,2, отсто, а 27,4 се „за“. „Тоа покажува дека афирмативната кампања за референдумот треба да биде многу силна. Ќе треба многу да се убедуваат Македонците да го поддржат договорот – вели Кржаловски.
Анкетите во овој момент, коментираат аналитичарите, повеќе се базираат на проценки отколку на реални бројки. Секако дека првичните резултати од анкетите, додаваат тие, ќе имаат свое влијание во целиот процес, но пресудни очигледно ќе бидат кампањите за информирање на граѓаните во финалната фаза пред референдумот, нагласувајќи го притоа поразителниот податок од истражувањето на јавното мнение кое вели дека само 3,1 процент од испитаниците го прочитале договорот со Грција.
Анкетата ја пренесоа и грчките медиуми. Дел од нив оценија дека водството од 6 отсто за „да“ на претстојниот референдум се чини дека предизвикува доза на оптимизам и во Атина и во Скопје.
Само 0,4 отсто предност на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ѝ се доближила на владејачката СДСМ во рејтингот, па доколку утре има парламентарни избори, за СДСМ би гласале 24,4 отсто од граѓаните, а за ВМРО-ДПМНЕ само 0,4 отсто помалку, односно 24 отсто, покажува анкетата на МЦМС. Резултатите покажуваат дека рејтингот на најголемата опозициска партија, во однос на истражувањето на јавното мислење во мај скокнал за 3,4 отсто, додека на владејачката партија бележи пад од 1,1 отсто.
За ДУИ би се одлучиле 6,9 проценти од анкетираните, за Алијанса за Албанците 2,7 отсто, за Беса 1,7 отсто, а „не знам“ односно „нема да гласам“ избрале 37,8 отсто од испитаниците.
Кај етничките Македонци, ВМРО-ДПМНЕ има мала предност – 31,2 отсто наспроти СДСМ кој има 28,3 отсто. Владејачката партија СДСМ сè уште има поддршка кај 8 проценти од етничките Албанци, додека кај ВМРО-ДПМНЕ таа е помала од 1 отсто.
 
(Н.К)