Ретроспективна изложба на Танас Луловски Тане


Националната галерија на Македонија организира ретроспективнaта изложба на Танас Луловски Тане,  еден од доајените на македонското современо сликарство, која вечер од 19 часот ќе биде отворена во Даут-пашиниот амам.

Ќе бидат поставени слики и цртежи од сите фази од неговото творештво, кое почнува во 1960-тите години. НГМ информира дека изложбата ќе биде своевиден пресек на неговото творештво, со оглед на тоа што досега не е напаравено  ретроспективно прикажување, освен парцијални претставувања на неговите дела во последните 10-ина години.

-Со изложбата ќе биде одбележано повеќедецениското творештво и каракатеристичен авторски белег на овој наш еминентен сликар, кој остави неизбришливи траги во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност. Неговото големо значење и силниот и препознатлив белег беше инспирација за многу нови генерации ликовни автори, соопшти НГМ.

Танас Луловски (Желево, Леринско, 1940 – Скопје, 2006)  во 1967 година дипломирал на Институтот за ликовни уметности „Николае Григореску“ во Букурешт. Како стипендист на Италијанската влада, во 1970-1971 специјализирал сликарство во Рим. Студиски патувања имал во Париз, Амстердам, Мастрихт, Виена, Фиренца, Њујорк, Торонто. Бил слободен уметник до 1985-та, а од таа година работел како професор по сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Делата кои ќе бидат претставени на изложбата се сопственост на семејството на авторот, на повеќе институции (Национална галерија на Македонија, Музеј на современата уметност, Центар за култура „Антон Панов“ од Струмица), а  значаен број дела се од приватни сопственици. Изложбата во Даут-пашин амам ќе биде отворена до 20 февруари 2019 година.