Ретроспективна изложба на Адем Кастрати: Татковината како инспирација за богати дела


Ретроспективна изложба на Адем Кастрати утре ќе биде отворена во Националната галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам со почеток во 20 часот. Кастрати припаѓа на првата генерација сликари по Втората светска војна.

Тој е еден од најзначајните албански сликари кој со своите дела остави траен белег за едно минато време, кое што никогаш нема да се повтори. Воедно го отвори патот на новите генерации уметници кои преку неговите дела ќе можат да ја запознаат, учат и продолжат традицијата на народите на нашите простори.

Роден е во косовското село Горно Карачево во близина на Врање. Името на неговото родно село во албанскиот јазик има значење на облачност. Облачноста, како природен феномен (според некои негови записи) ќе има влијание врз неговиот духовен развој, а секако дека ќе се одрази и на уметничкото творештво.

Бурните времиња во кои растел, созревал и се формирал како сликар, секако ќе остават силна трага во неговото творештво. Неговото име зазема заслужно место меѓу ликовните уметници кои живееја и твореа на територијата на поранешна Југославија. Кастрати е еден од доајените меѓу албанските сликари во Македонија, каде ќе живее и создава повеќе од четириесет години.


Адем Кастрати станува познат уметник со својата специфична техника на сликање со земја, пристап кој е оригинален и посебен. Ваквиот начин на сликање, можеби претставува поврзаност со неговото детство. Имено, уште во најраните години, негова обврска ќе биде грижата за јагнињата во родното село. Па така, опкружен со домашните животни, природата исполнета со мир и зеленило, кај него предизвикувала желба да се поигра со неа. Сам, но и со другарите си играле со кал, гранки, дрвца. Оваа многубојна кал или земја најверојатно многу го предизвикувала, што од неа правел разнобојни фигури, ги обликувал со дрвца и ги оставал да се сушат. Потоа ги боел со четкичка која што многу вешто ја правел од влакна од коњска опашка.

Уметничкиот опус на Кастрати целосно се поврзува со теми од татковината. Од една страна, животот полн со страдања како резултат на немаштијата и војните, но од друга страна идиличните претстави на родниот крај, запаметен од годините на детството, животот со семејството и незаборавните бои и мириси кои што ќе останат во него меморирани до крајот на животот.
Темите кои ги обработува во своите дела се најчесто врзани за обичниот човек. Огромно внимание ќе и посвети на мајката, која ќе ја претстави како главен стожер во домот. Мајката, жената е таа која му дава смисла на животот, бара, но и дава нежност, љубов, добрина. Мажите се секогаш сериозни, кога работат, седат, се движат. Тоа е нивната традиција. Богатиот фолклор несомнено е застапен во неговото творештво, со што засекогаш ќе остане забележан во неговите дела, што уште повеќе се нагласува со неговата специфична, несекојдневна и единствена сликарска техника со многубојната земја.
Починал во Скопје, во 2000 година.
Адем Кастрати имал повеќе самостојни изложби во Скопје, Урошевац, Приштина, Белград, Тирана, Гњилане, Париз, Женева, Минхен и др. Учествувал и на повеќе групни изложби: Љубљана, Загреб, Дубровник, Ниш, Палермо, Тирана, Париз, Архис (Данска).