„Реплек фарм“ апелира: Внимавајте на нелегални продавачи на екстракт од канабис


Бројот на нелегални продавачи на екстракт од канабис расте. Нелегално набавените екстракти,  наполнети во шприц од 5 до 10 мл со цена од околу 40 до 50 евра за 1 мл, се со непознато потекло, состав, квалитет, тешки метали, пестициди, органски растворувачи, микроорганизми, бактериски и микотоксини, предупредуваат од фармацевстката компанија „Реплек фарм“, која е легален дистрибутер на масло од канабис.

„Покрај ваквите екстракти, во последно време сѐ повеќе на болните им се нуди и „рецепт“ како од овој екстракт да произведат супозитории (популарно наречени чепчиња) за ректална примена. Вообичаено екстрактот се препорачува да се меша во кокосово или палмино масло. Од 1 мл од ваквиот екстракт (со најчесто помеѓу 30% и 60% психотропен делта-9-THC и занемарлива количина непсихотропниот CBD),  вообичаено се добиваат 10 чепчиња. Според едноставна пресметка, 10 мл од овој екстракт (кој чини 400 – 500 евра), ако пациентот користи и по 10 и повеќе дневно, се користи ректално за околу 10 дена, со што „терапијата месечно чини над 1.200 евра. Многу повисоката цена на месечната „терапија” со чепчиња, во однос на оралната примена, каде еден ваков шприц од 10 мл се троши за околу 2 месеца е очигледна, па станува многу јасна „црната математика на црниот пазар“, кој ja преферира ректалната терапија како „најдобра во лекувањето“. Често пати на пациентите им се нуди и „веќе готов лек”, чепчиња направени од нелегалниот продавач, купени “на црно”. Проблемот на THC во овие чепчиња ректално воопшто не се ресорбира, односно не влегува во циркулацијата, според што и не може да биде системски делотворен, туку може да делува само локално, на местото каде се аплицира (главно делува позитивно на хемороиди и воспаленија во различни воспаленија во дебелото црево)“, се вели во апелот на „Реплек фарм“ во кој се додава дека право на пациентот е сам да побара од својот доктор специјалист да му пропише терапија со прозводи од коноп.