Рендање на референдумот


 

Петар Арсовски

 

Ќе си речете, овој пак за референдумот. Точно е дека прашањето за референдумот беше многу експлоатирано во медиумите последните неколку дена, но мислам дека една ваква системска дилема заслужува подетална дебата и посеопфатна анализа, а истовремено и подетално објаснување од моја страна. Обично не се впуштам во дообјаснувања или одговори, но сметам дека вака важно прашање заслужува експликација.

Да бидеме на јасно: мојот став за референдумот нема врска со мојот став за договорот со Грција. Кога велам дека единствен начин за фер изјаснување на граѓаните е намалувањето или укинувањето на обврската за цензус, тоа го мислам за двете страни – не мислам дека Македонија ќе има полза од референдум или друг вид плебисцитарно изјаснување доколку која било страна во ваквиот проект се чувствува манипулирана, измамена или оштетена. Мислам дека одлуката треба да се донесе на најфер и најдемократски можен начин, и дека само со ваква плебисцитарна катарза можеме со чист образ да продолжиме натаму, или да се вратиме назад, каква и да биде волјата на мнозинството.

Суштината е дека какво било референдумско изјаснување има за првична и основна цел, на најсоодветен начин, да ја преслика волјата на мнозинството во политичка обврска за елитите кои во моментот раководат со државата. Мислам дека законското решение за референдум во овој момент на го овозможува тоа за ова прашање. Оттаму, мислам дека македонскиот модел на референдум не е применлив за ваква одлука. За оние што ги интересира зошто, има смисла да читаат понатаму.

Македонскиот правен систем познава два вида на референдумско изјаснување: задолжителен и незадолжителен. Законот предвидува во кои случаи задолжително се одржува референдум (промена на граници и членство во алијанса или сојуз), а во другите случаи, кои не се задолжителни, референдум се распишува за прашања од стратегиски интерес. Незадолжителниот референдум (каков што би бил овој за прашањето со името) може да биде консултативен или одлучувачки. Притоа, референдумот е успешен доколку гласаат повеќе од половина од вкупниот број гласачи, и истовремено повеќе од половина од излезените гласаат „за“. Референдумот е неуспешен доколку не излезат доволно гласачи, или доколку повеќе од половина од излезените гласаат „против“. Консултативниот референдум не произведува правно дејство при ниеден исход, додека одлучувачкиот, или задолжителен референдум, произведува правно дејство, т.е. обврска за властите, но само ако е успешен.

Тука се соочуваме со главниот проблем: согласно законот, референдумот произведува правна сила само доколку е успешен, а доколку не е (од која било од двете причини, цензус или мнозинство против), правно е ништовен, како да не се случил. Тоа значи дека согласно македонскиот правен систем, невозможно е на референдум да се изјасниме за опција А или опција Б, а избраната опција да биде обврзувачка за власта. Доколку референдумот е успешен, тогаш тој создава обврска (зависно какво било прашањето) кон опцијата „за“, а ако е неуспешен, никому ништо, тој не создава обврска за опцијата „против“. Со други зборови, прашањето на таквиот референдум не може да биде „дали сте за или против договорот со Грција“, а двата одговора да носат правна сила. Прашањето може да биде „дали сте за спроведување на договорот со Грција“ или „дали сте за поништување на договорот со Грција“, на пример. Е сега, доколку прашањето е „дали сте за договорот со Грција“, успешниот референдум ги обврзува партиите да го спроведат, а неуспешниот не ги обврзува да го поништат, бидејќи неуспешниот референдум е ништовен. И обратно, доколку прашањето е „дали сте за поништување на договорот со Грција“, успешниот референдум ги обврзува партиите да го поништат, а неуспешниот не ги обврзува да го спроведат. Тоа е проблемот со бинарниот референдум, онака како што е дефиниран во македонскиот закон.

Затоа, како што е замислен, референдумот во Македонија има смисла само доколку сакате плебисцитарно да наметнете задолжителен позитивен пропис или акт, а притоа товар на докажување има оној кој го распишува, т.е. оној кој согласно поставеното прашање, очекува одговор „за“. Тој треба да обезбеди два кумулативни услови (цензус и мнозинство), додека другиот треба да обезбеди или апстиненција или мнозинство против, и да го направи со тоа референдумот неуспешен, но истовремено и ништовен. Значи, ваков референдум има смисла само да поништи или надгласа постоечко законско решение, или да наметне нешто целосно ново. Затоа на референдумот за територијална организација, кој беше организиран против тогашниот закон, прашањето беше „дали сте за законот од 1996“, зашто успешниот референдум ќе ги обврзеше пратениците да го спроведат.

Потоа, вештачкиот и превисок цензус, направен врз основа на избирачки список без попис, прави да е практично невозможно да се направи успешен референдум. Цензусот за успешен референдум во моментов е поставен на мнозинство од запишаните избирачи (по списокот, околу 1,8 милион, значи на нешто над 900,000 гласачи). во услови кога според официјалните бројки, над 400,000 гласачи не се тука трајно, т.е. се отселени. Тоа е нереално и е неправедно висок праг. Затоа се намали цензусот за избор на претседател на државата и тоа е истовремено и една од причините зошто Македонија нема направено ниту еден успешен референдум после оној за осамостојувањето, за кој немаме реални податоци за излезеноста.

Затоа, вкупно, ваквата поставеност на референдумот остава премногу простор за манипулација. Еве попрактично: доколку прашањето е „дали сте за поништување на договорот со Грција“, ВМРО-ДПМНЕ треба ем да собере мнозинство да излезат, ем мнозинство да гласаат „за“, а СДСМ треба или да остане дома или да надгласа со „против“ – а согласно цензусот посигурно е да останат дома, и така ВМРО-ДПМНЕ нема шанси да спроведе успешен референдум. Доколку е обратно, и прашањето е „дали сте за договорот со Грција“, СДСМ треба да ги исполни двата услова (цензус и мнозинство), а за ВМРО-ДПМНЕ или кој било, или да нема цензус, или да надгласаат „против“. Во кој било од овие случаи, едниот од овие нема фер шанса, нема еднакво поле за натпревар.

И тоа е сѐ заради поставеноста на цензусот. Ваквата поставеност ги „книжи“ апстинентите секогаш на страната „против“, бидејќи излезеноста е услов за успех, наместо како што е правилно, апстинентите да се „книжат“ како амбивалентни, недоволно заинтересирани за одлука, а излезените да одлучуваат. Оттаму, во вакви услови, реално е веројатно дека ниту една политичка коалиција во Македонија нема доволно гласачи самостојно да спроведе успешен референдум, па противниците (независно дали во дадениот случај тоа е СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ) можат, иако се малцинство, со апстиненција да го контролираат исходот на референдумот, иако можеби мнозинството поддржува некаква одлука. Така, ако претпоставиме дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат по 350.000 гласачи и дека гласачите на СДСМ се за договорот, а гласачите на ВМРО-ДПМНЕ против, а 200.000 Албанци се без малку сите за договорот, математиката е следна: 550.000 гласачи за договорот можат да бидат надгласани од 350.000 гласачи, ако вторите останат дома и го „бутнат“ референдумот на тој начин. Иронијата да биде поголема, тоа притоа би била Пирова победа, зашто неуспешниот референдум не би го обврзал СДСМ да го поништи договорот со Грција.

Оттаму, тврдам дека единствен фер натпревар е да се укине или намали цензусот, а сите партии да ги повикаат своите гласачи или поддржувачи да излезат, да гласат како што мислат, со тоа што партиите претходно би се обврзале дека резултатите, какви и да бидат тие, би биле обврзувачки за нив. Така, би имале реално фер натпревар, нема закана од бојкот, а двете страни имаат подеднакви шанси за успех. Имајќи предвид дека двата табора тврдат дека мнозинството е на нивна страна, не знам зошто би се плашеле од вакво изјаснување или би се криеле зад евентуален бојкот.v