Река го поддржува Дoговорот од Преспа, но не и владата
Грчката политичка партија Река преку соопштение одговара на сценаријата во Грција, како во однос на ратификацијата на Договорот од Преспа, така и во однос на евентуалното гласање доверба на грчката влада.
Велат дека го поддржуваат Договорот од Преспа, но не и актуелната грчка влада, јави дописничката на МИА од Атина.
-Река уште од формирањето во 2014 е за сложено име за ПЈРМ со географска одредница за сите употреби. Одолговлекувањето на проблемот со децении е на штета на Грција, како што сведочи признавањето на соседната земја под името „Македонија“ од над 140 држави. Особено во сегашните околности, ја поддржуваме интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, бидејќи тоа ќе придонесе за развојот и стабилноста на регионот. Од истите причини, позитивни сме за влезот на ПЈРМ во НАТО. Треба веднаш да ги затвориме фронтовите на нашите северни граници и со поддршка на нашите сојузници да се справиме со опасностите од исток. Ова е интересот на нашата татковина, соопштуваат од Река.
Во однос на евентуалната поддршка на владата, велат дека нема да ѝ дадат глас за доверба затоа што се опозиција и тоа нема да се смени и повторуваат дека „ако Независни Грци се повлечат од владиното мнозинство, тогаш земјата треба да оди на избори“.