Регионот се вооружува: Србија од Русија купува шест хеликоптери „ми-17“


Белград ќе почне интензивни разговори со Русија за купување до шест повеќенаменски хеликоптери Ми-17, изјави за РТС српскиот министер за одбрана Александар Вулин, воедно потврдувајќи дека два македонски хеликоптери се на ремонт во Белград.

– Започнавме интензивни разговори за купување на хеликоптери, а што се однесува до системот С-300, за тоа се уште е рано да се говори. Договорено е натамошно модернизирање на оклопните единици и на други борбени системи на војската. Многу е важно што почнавме да работиме и на формирањето на хеликоптерскиот центар, за ремонт на хеликоптери за овој дел на светот. Воздухопловниот институт „Мома Станојевиќ“ во Батајница веќе работи на ремонтот на два хеликоптери од Македонија – изјави Вулин.

Според него, посетата на претседателот Александар Вучиќ на Москва го потврдила високото ниво на воената соработка меѓу двете земји.

– Се што е договорено Русија го достави според роковите. Триесетте модернизирани тенкови и борбени возила за пешадијата, кои се набавени однапред, ќе пристигнат на време – рече Вулин.

Во врска со оценката дека посетата на високата српска делегација на Москва може да се протолкува како приближување на Белград кон Русија, Вулин одговори дека тоа не е приближување кон никого, туку тоа е Србија таква каква што е.

Според воениот аналитичар Мирослав Лазански, Србија очекува од Русија да ѝ бидат испорачани 30 модернизирани тенкови Т-72 и 30 оклопни возила БРДМ-2, а постои голема надеж дека ќе добие и руско одобрение за набавка на системот за противвоздушна одбрана С-300, како и шест авиони МиГ-29 од Белорусија .

Лазански смета дека системот С-300 најверојатно ќе се модернизира од страна на Русија, а во перспектива Белград може да се надева дека ќе ѝ биде дозволено да ги купи и системите за противвоздушна одбрана Панцир и Бук М-2, кои на Србија ѝ недостасуваат во моментот.