Регионални ѕвезди ја преплавија Македонија: Ние сме најдобрата публика


Лани ја завршивме годината со емотивниот концерт на Раде Шербеџија. Годинава ја почнавме со хитовите на Мишо Ковач, продолживме со поп-фолк музиката на Марија Шерифовиќ… Нѐ чека средба со словенечката ѕвезда Мањифико (13 април), со бугарската ѕвезда Азис (21 април), пак со Ѓорѓе Балашевиќ (19 мај), Јосипа Лисац (20 април), „2 челос“ на 6 октомври… На „Златна бубамара на популарноста“ се смеевме на новиот хит на „Дубиоза колектив“, пеевме и танцувавме заедно со „Нови фосили“. Никогаш не ни е доста од Бајага, „Хари Мата Хари“, Џибони, Даниела Мартиновиќ, „Пилоти“…

Едно време недостижни, во Скопје или во внатрешноста ги гледаме на секоја или на неколку години. На еден, два, три часа… На заемно задоволство.

Тие се најголемите балкански ѕвезди. Ние сме најдобрата екс југословенска публика. Тие пеат за пари. Ние слушаме за душа. Тие заработуваат. Ние уживаме. Тие се рекламираат. Ние полниме сали и стадиони. Тие се шармантни. Ние сме гостопримливи. Тие се професионалци. Ние сме носталгични по едно убаво време. Тие пеат љубовни песни. Ние се препознаваме во нив. Тие се згодни. Ние сакаме да изгледаме како нив. Тие се од соседството и од регионот. Ние не признаваме граници. Тие често гостуваат. Ние имаме јаки спонзори. Тие ги полнат трач-рубриките. Ние ги голтаме. Тие се искусни. Ние сме млади во духот. Тие имаат хитови. Ние им ги знаеме сите. Тие се достапни. Ние сме пресреќни. Љубовта е околу нас. Не за џабе „Љубави“ на Жељко Јоксимовиќ е сѐ уште хит!

Свртете се. Пролет е околу вас!

Лејла Сабит