Регионалната ѕвезда со спектакуларен концерт во Скопје: Нашиот живот, тоа е Балашевиќ


Концертот беше ко концерт, што да се раскажува…Парада на добро расположение, многу пиво и познати лица во публика. Песните ни по 40 години не избледнуваат, убавите ги потиснуваат неубавите спомени од животот, ама порачувате пијачка, и така тоа почнува, па пристигате кај сватовите на бившите девојки, што да ви кажам сите вистински љубови и концерти на Џоле се тажни…

Три и пол часа регионалната поп-ѕвезда од Нови Сад, Ѓорѓе Балашевиќ, пееше за неговиот и нашиот живот, синоќа, во преполната Арена „Борис Трајковски“ во Скопје.

Џоле ко Џоле, и на 65 години е истиот. Со истиот хумор, ироничен, југоносталгичен, без влакно на јазикот, со некое кило повеќе, во фармерки, блузон и бели патики…

И по четврти пат во Скопје, на концертите на нашиот омилен кантавтор, се мешаа радоста, среќата, шегата и сериозната политика, животот е еден момент циркус, еднаш звучи во д-мол, некогаш ви заличува дека сѐ отишло во Хондурас, а некогаш стигнувате до дното …

…  Таа беше убава ама сиромашна, да знаеше ќе ја земеше… Сакаш еднаш во животот, богата или сиромашна, тоа не го избира паметот туку срцето … Никому не му зборувате за тоа, брзо доаѓа тој бран и знаете дека ќе потонете. Спас ви носат Циганите и тамбурашите, тие имаат срце, за секој од нив, баш им е гајле за вас, тие прашуваат што да свираат…Тој сѐ имаше, всушност ништо немаше… Во војска стекнувавте пријател до гроб, и хронично запалење на зглобови. Сувенир на стражарските денови… Сите, и старите и новите генерации, во животот имаме по дел од приказната за Васо Ладачки…

Секогаш ќе го сакаме и ќе одиме на концертите на Џоле. Тој е легенда за неколку животи. Колку да се чувствуваме поубаво.

Концертот беше во организација на „Авалон“.

Лејла Сабит      Фото: Борис Грданоски