Реал Мадрид го назначи Лопетеги за нов тренер


Тренерот на шпанската репрезентација, Хулен Лопетеги е новиот тренер на Реал Мадрид. „Белите“ објавија соопштение за неговото назначување, наведувајќи дека договорот ќе биде потпишан по Светското првенство во Русија и ќе трае три години.
Лопетеги (51) е поранешен голман, кој има одиграно само еден натпревар за Реал Мадрид од 1988-1991 година. Новиот ментор на „кралскиот“ клуб исто така играше за Барселона во периодот 1994-97, во кој запиша пет натпревари за Каталонците.
Тренерската кариера ја започна во репрезентацијата на Шпанија до 17 години, а потоа ги води Рајо Ваљекано, Реал Мадрид Б (2008-2009), репрезентациите на Шпанија до 19, 20 и 21 година, Порто (2014-16), а од 2016-та е на чело на сениорскиот тим на Шпанија.