Реална политика во бизнис-рајот Македонија: Повеќе пари за зоните, помалку за промоциите


Владата следната година ќе потроши помалку пари на привлекување странските инвеститори, а повеќе за градење зони за оние што веќе решиле да инвестираат. Тоа барем го покажуваат буџетите на двете институции надлежни за промоција на инвестициските можности и изградба на слободни зони.

Буџетот на Агенцијата за странски инвестиции и за промоција на извозот следната година, според предложеното, ќе биде за два и пол пати помал во споредба со парите што годинава се предвидени за промовирање на македонските инвестициски и извозни можности во светот.

Агенцијата, која до лани трошеше милионски суми за да ја промовира и рекламира Македонија како нов бизнис-рај во светот, следната година ќе има само 2,3 милиони евра на располагање, што е за два и пол пати помалку од буџетот од оваа година, кој е 5,6 милиони евра.

Тоа, како што објаснуваат од Агенцијата за странски инвестиции, е резултат на скратените трошоци за реклами, но и на намерата економските промотори да се префрлат под раководство на Министерството за надворешни работи. Според директорот Дарио Николовски, во наредниот период фокусот ќе биде на поддршката на домашниот бизнис.

– Од целиот буџет Агенцијата досега издвојувала само по 10.000 евра годишно за промоција на извозот, што е смешна сума. Ние сметаме дека Агенцијата мора многу повеќе да ги поддржува домашните компании за извоз и да им помага во целиот процес, од производство до пласирање на производите на странските пазари.

Токму во овој сегмент планираме сериозни промени и зголемување на буџетите за поддршка на домашните компании и производители – вели Николовски за „Независен весник“.

Тој вели дека засега не планираат да потрошат ниту еден денар на реклами во светските медиуми, односно дека ќе работат на создавање еднакви услови за домашните и за странските инвеститори, што ќе ги поттикне развојот и инвестирањето на домашните компании.

Од друга страна, Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) следната година ќе има поголем буџет од годинава, а половина од тие средства ќе бидат наменети за изградба на инфраструктура во зоните. Таа наредната година ќе има за трошење 16,2 милиони евра, што е за три милиони евра повеќе споредено со буџетот што го има годинава.

Само за уредување на технолошко-индустриските развојни зони преку изградба на потребната инфраструктура и објекти и геомеханички истражни работи следната година се наменети околу 7 милиони евра.

Директорот на Дирекцијата за развојни зони, Александар Младеновски, во изјава за „Независен весник“ вели дека следната година ќе продолжат активностите за инфраструктурно уредување на зоните за обезбедување оперативни услови за влез на нови инвеститори, а приоритет ќе се даде на подобрување на внатрешната инфраструктура на зоните што се веќе функционални, како на пример двете зони во Бунарџик и оние во Прилеп и во Струга.

– Во моментов на 13 локации се основани вкупно 15 технолошко-индустриски развојни зони. Од основаните зони оперативно подготвени и функционални се ТИРЗ Скопје 1 и 2, ТИРЗ Штип, а до степен на функционалност изградени се зоните во Кичево, Прилеп, Струга и во Струмица – објаснува Младеновски.

Според него, околу 4,8 милиони евра ќе бидат наменети за исплата на државна помош на компаниите што работат во зоните.

– Околу 30 проценти од вкупниот буџет на дирекцијата за ТИРЗ е предвиден за исплата на државна помош на инвеститорите во зоните. И тука, како во делот на инфраструктурна изградба на зоните, буџетските средства ќе бидат распределени на максимално рационален и оптимален начин – објаснува директорот.

Александра Спасевска