Реакција од Вашингтон и Брисел на резиборот на Путин


Белата куќа „не е изненадена од резултатот” од претседателските избори во Русија, што му овозможија на Владимир Путин уште шестгодишен мандат.

Портпаролот Хуган Гидли соопшти дека се уште не е закажан телефонски разговор со цел американскиот претседател Доналд Трамп да му честита на резиборот на својот руски колега.

На прашањето дали Белата куќа цени дека изборите во Русија биле слободни и фер, портпаролот кусо одговори: „Не сме изненадени од резултатот од изборите“.

– Ќе работиме на култивирање на односите со Русија, и ќе спроведуваме казнени мерки кога Русија ќе се закани на нашите интереси. Сепак, ќе бараме области да работиме заедно кога тоа ќе служи на нашите интереси, појасни Гидли.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) денеска соопшти дека на вчерашните избори во Русија „немало вистински избор“. – Избор без вистинска конкуренција, која овде ја видовме, не е вистински избор, се посочува во соопштението на ОБСЕ.

По забелешките на ОБСЕ, реагираше и Европската Унија.

– Изборите беа спроведени во високо контролирана правна и политичка средина, проследена со продолжен притисок врз критичните гласови. Очекуваме Русија да се позанимава со корекција на овие прекршувања и пропусти, за кои сигнализира мисијата на ОБСЕ, се вели во соопштението на ЕУ.

Унија упати критика и за тоа дека во претседателските избори бил вклучен и Крим, „чија анексија“ не ја признава.