Реакција на МОН на изјавата на претседателот на СОНК


на 01.03.2018 година, министерката за образование и наука проф. д-р Рената Дескоска, оствари средба со Сузан Флокен, директорката на Европската конфедерација на синдикатите за образование, придружена од претседателот на СОНК, г. Јаким Неделков.

На средбата, министерката Дескоска изјави дека МОН отвори широк консултативен процес во кој се вклучени претставници на синдикалните организации во сите образовни реформи во основното, средното и високото образование. Во овие работни групи се вклучени претставниците на Наставничкиот пленум, МЕСО, НаКС, како и преставниците на СОНК.

Министерството за образование и наука не поддржува барање за ексклузивно учество на било кој синдикат во реформите, туку силно се залага за принципот на отворени врати и суштински дијалог со сите кои можат да помогнат во реформите.

На состанокот, министерката Дескоска најави дека Владата планира да го реши проблемот со договорите за вработување на определено време, преку давање согласности за трајно вработување на наставниот кадар.

Воедно, должни сме да ја информираме јавноста дека проблемот со вработувањата на наставниот кадар на определен временски период е настанат со одлука на претходната Влада, но и дека СОНК има потпишано колективен договор во кој привремените вработувања и договорите за вработувања на определено време се составен дел.

Министерство за образование и наука