Реакции на светските лидери по нападите во Сирија


Нападите што САД, Велика Британија и Франција ги извршија рано изутринава врз повеќе цели во Сирија, како одговор на обвинувањата дека сириските владини сили минатата сабота извршиле напад со хемиско оружје во градот Дума, наидоа на поделени реакции во светот.

Британската премиерка Тереза Меј изјави дека извршените „координирани и прецизни напади“ имале за цел да го намалат капацитетот на сирискиот режим за производство на хемиско оружје и негова употреба.

Според Меј, целта на акцијата не била мешање на западните земји во граѓанската војна во Сирија или смана на сирискиот претседател Башар ал-Асад од власта.

Меј

– Го сторивме тоа затоа што сметаме дека тие акции се во национален интерес на Велика Британија. Не можеме да дозволиме употребата на хемиско оружје да стане нормална работа во Сирија, на улиците во Велика Британија или каде било на друго место во светот, порача Меј.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција се вклучила во операцијата во Сирија затоа што не може да „толерира банализирање на употребата на хемиското оружје“.

– Нападите се ограничени на капацитетите на сирискиот режим, кои му овозможуваат производство и употреба на хемиско оружје, порача Макрон.

Според него, нема никаков сомнеж дека „сирискиот режим е одговорен за смртта на десетици мажи, жени и деца при хемискиот напад во Дума на 7 април“.

Емануел Макрон

– Црвената линија, што Франција ја постави во мај 2017 година, беше премината. Затоа наредив француските вооружени сили минатата ноќ да се вклучат во меѓународната операција насочена против незаконскиот хемиски арсенал на сирискиот режим, додаде Макрон.

Шефот на француската диплматија Жан-Ив Ле Дријан пак порача дека воената операција на САД, Велика Британија и Франција „била легитимна“, затоа што „хемиската ескалација во Сирија е непрфатлива“.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги поддржа, како што нагласи, „прецизните напади“ на САД, Велика Британија и Франција во Сирија.

– НАТО ги поддржува активностите на САД, Велика Британија и Франција против објектите за хемиско оружје на сирискиот режим. Тие акции ќе ги ограничат капацитетите на режимот да врши други напади со хемиско оружје врз народот на Сирија, наведува Столтенберг во писмено соопштение.

Столтенберг (ЕПА)

Според него, НАТО од секогаш ја осудувал употребата на хемиско оружје од страна на сириските власти, со што јавно се кршат меѓународните норми и договори.

Турското Министерство за надворешни работи го поздрави „соодветниот одговор“ на САД, Велика Британија и Франција врз објектите на сириската Влада.

– Таа операција е одговор на целото човештво по нападот во Дума. Се укажува на тоа дека овој напад е извршен од сирискиот режим, се додава во соопштението на турското Министерство.

Израелската Влада ги поздрави нападите на трите западни земји, оценувајќи дека тие претставуваат „важен сигна“ за Иран, Сирија и либанската екстремистичка група Хезболах.

– Со употребата на хемиско оржје се преминува црвената линија, која човештвото повеќе не може да ја толерира, напиша на Твитер членот на Кабинетот за безбедност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Јоав Галант.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави дека внимателно ги следи извештаите за денешните напади на САД, Велика Британија и Франција, потенцирајќи дека сите земји се должни да дејствуваат во рамки на Повелбата на Светската организација и меѓународното право.

гутереш

– Каква било употреба на хемиско оружје е одвратна. Страдањата што ги предизвикува употребата на тоа оружје се стравични, оцени Гутереш.

Тој ги повика земјите членки на ОН да покажат воздржаност и да избегнат чекори што би миожеле да доведат до екслација на состојбата.

Од друга страна, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова оцени дека САД и нивните сојузници извршија воен напад врз Сирија, која со години се спротивставувала на „терористичката агресија“, токму во момент кога земјата имала шанса за „мирна иднина“.

– Белата куќа вели дека нејзината убеденост за извршен хемиски напад од страна на Дамаск се базира на извештаите од медимите, сознанијата за симптомите, снимките и фотографиите, како и на кредибилни информации. По ова, американските и другите западни медиуми треба да бидат свесни за својата одговорност за тоа што се случи, наведува Захарова во објава на својот профил на Фејсбук.

Марија Захарова

Захарова денешните напади врз Сирија ги поистовети со почетокот на операцијата на западните сојузници во Ирак во 2003 година, која, како што невдува, се базираше на тврдењата дека Багдад поседува оружје за масовно уништување.

– Пред 15 години Белата куќа искористи една епрувета и својот државен секретар, а сега наместо епрувета Вашингтон ги користи медиумите, доадва Захарова во објавата.

Нападите ги осуди и рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, оценувајќи дека тие „нема да останат без последици“. – Целата одговорност за нападите е на Вашингтон, Лондон и Париз. САД го поседуваат најголемиот арсенал на хемиско оружје и немаат никакво морално право да обвинуваат други земји, додаде Антонов.

Иран, кој е главен сојузник на Дамаск во регионот, предупреди дека нападите на САД, Велика Британија и Франција ќе имаат регионални последици.

– Соединетите Држави и нивните сојузници, без никаков доказ и дури и пред Организацијата за забрана на хемиското оружје да заземе став, извршија воена операција против Сирија и се одговорни за регионалните последици од таа авантуристичка акција, оцени иранското Министрство за надворешни работи.

Али Хамнеи

Иранскиот врховен верски лидер, ајатолахот Али Хамени во обраќње во врска со нападите ги оквалификува американскиот претседател Доналд Трамп, британската премиерка Меј и францускиот претседател Макрон како „криминалци“.

Сириските власти ја осудија, како што нагласија, „варварската и брутална агресија“ на западните земји врз Сирија.

Според Дамаск, нападите што рано изутринава ги извршија САД, Велика Британија и Франција, имале за цел да ја спречат мисијата на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОЦВБ), која требаше да почне денеска во Дума, со задача да утврди дали во тој град минатата сабота бил извршен напад со хемиско оружје,

– Главна цел на агресијата е да се спречи работата на тимот и да се изврши притисок врз мисијата во обид за прикривање на лагите и измилсиците на Западот, се наведува во реакцијата на сириските власти.

Сирија напади

Дамаск во соопштението посочува дека нападите нема да ја поколебаат сириската армија во нејзината решителност да ја засили борбата против бунтовниците и да воспостави контрола врз целата територија на земјата.

– Таа агресија само ќе ги зголеми тензиите и ќе ја загрози меѓународната безбедност, се истакнува во соопштението.

Во исто време, сириската армија соопшти дека при денешните напади врз цели во реоните на Дамаск и Хомс немало човечки жртви.

– Загубите од нападите врз сириската територија се ограничени само на материјални штети, се додава во соопштението.