Еди Рама се прогласи за најзаслужен што законот помина во Македонија
И неколку дена по изгласувањето на Законот за употреба на јазиците, не стивнуваат реакциите во јавноста. Реакции имаше и надвор од границите на Македонија, поточно од соседна Албанија. Албанскиот претседател Илир Мета изјави дека актот на гласање на Законот за јазиците од страна на парламентот е важен чекор за европската иднина на Македонија, додека пак албанскиот премиер Еди Рама отиде чекор подалеку. Спротивно од изјавите на Али Ахмети дека токму ДУИ е најзаслужна, Рама пред младите лица на неговата партија се пофали дека без интервенција на неговата партија тој немало да се изгласа.
„Сите тие што ја гласаа и поддржаа нашата партија треба да бидат горди бидејќи без оваа партија на власт во Албанија денес немаше да има официјална употреба на албанскиот јазик во Македонија“, рече Рама.
Од домашната јавност пак не стивнуваат критиките кон Владата и парламентарното мнозинство, главно во правец на тоа дека законот беше изгласан без присуство на ВМРО-ДПМНЕ, по скратена постапка и непотребно беше придружен со европско знаме. Ана Павловска-Данева изјави дека закон со тежина на Законот за јазици не смее да се гласа без консултации и присуство на опозициските партии.
„Јас не знам дали се одредени членови неуставни, за тоа може да се произнесат експертите по уставно право. Можам да кажам само дека закон од такво општествено и политичко значење не треба да се носи без присуство на опозицијата во Собранието ниту, пак, во скратена постапка. А европското знаменце, се чини, никому не му е јасно зошто му беше прикачено“, порача Данева.
Сега топката е префрлена на страната на претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов. Во јавноста, посебно албанската, се стравува дека претседателот нема да го потпише законот, па истиот ќе треба да се врати на повторно читање во законодавниот дом. Но, спикерот на парламентот, Талат Џафери, во своето последно излагање околу ова прашање рече дека не очекува Иванов да стане пречка за применување на законот.
Можни проблеми при применувањето на овој закон очекува и професорката и активистка за човекови права Мирјана Најчевска, која за „Слободна Европа“ покрена многу дилеми за успешното функционирање на законот.
„Мислам дека применувањето на овој закон ќе оди многу тешко поради многу причини, како немање кадри, поради немање средства и најважно поради отсуството на политичката волја. Затоа, јас во изгласувањето на овој закон не гледам како заклучок на едно важно поглавје на Охридскиот рамковен договор, или како важен дел што произлегува од него. Морам да признаам, јас лично бев против донесување еден ваков закон. Мислев (и се уште мислам) дека материјата на употребата на јазиците најдобро може да се уреди со ратификација на повелбата за регионалните и малцински јазици на Советот на Европа. Оваа повелба плени со својата идеја за заштита на јазиците како дел од културното наследство на Европа, со својата прецизност и со отвореноста за различни решенија зависно од конкретните состојби во одредена држава“, изјави Најчевска.
Критики за донесувањето на овој закон имаше и од страна на поранешната пратеничка Каролина Ристова-Астеруд. Според неа, овој закон нема ниедна допирна точка со европското знаменце ниту, пак, со Охридскиот рамковен договор.
„ Си го донесоа со брутално политичко уценување и силување, крајно недемократски, со крајна безобѕирност, како и со најбесрамно лажење и манипулирање.Законот за јазиците ниту е по Рамковен, ниту е со европско знаменце – во конститутивните договори и секундарното право на ЕУ се регулира употребата на официјалните јазици на државите членки, како и проблематиката на работните јазици во самата ЕУ, и нема никакво мешање во штипките на домашните јазични режими. Сето тоа според правото на ЕУ си е покриено со клаузула ‘согласно националните уставни аранжмани’. Напиша Астеруд додавајќи дека најголемата лага е дека не се воведува ефективна и сеопфатна двојазичност на целата територија на државата, иако теоретски можно е и повеќе од тоа – повеќејазичност.
Забелешки има и на албанската страна, иако не беа очекувани. Според поранешниот заменик на НДП, Артан Дика, и во поранешна Југославија со закон било уредено како, каде и колку да се употребува албанскиот јазик.
„Јавноста е бомбардирана со несериозни и често некомпетентни проценки околу овој закон. Еден јазик кој се употребува во институциите на една држава и е уреден со закон, претставува официјален јазик. Друго прашање претставува формата, опширноста и нивото на употреба на јазикот. Албанскиот јазик претставува официјален јазик, но со ограничена употреба во Македонија и од времето на поранешна Југославија. Ако ја банализираме темата, може слободно да речеме дека и ромскиот јазик е официјален јазик во Македонија бидејќи истиот официјално се употребува во општина Шуто Оризари. Последниот закон овозможува поопширна употреба на албанскиот јазик во државните институции во рамките (ограничувањата) наметнати со Уставот на земјата врз основа на Охридскиот договор, и ова е чекор напред. Но овде не треба да се заборави ниту формулацијата 20 отсто како уставна одредба бидејќи, според Уставот, Албанците не се државотворен народ, туку само Македонците. Според ова, без разлика на бројката колку Македонци има, нивниот јазик е официјален јазик, додека пак другите јазици се официјални само во случај на нивна масовна употреба, во овој случај над 20 отсто“ и според мене секаде каде што се спомнува албанскиот јазик ќе се укине од Уставниот суд поради неуставноста“, изјави Дика.
Блерим Исмаили