Рајан Сикрест се брани од обвинувањата за сексуално малтретирање


САД– Водителот на Американски Идол Рајан Сикрест и продуцент на сите шоуа на ТВ каналот „Е! Ентертејмент“  вели дека неговата поранешна службеничка Сузи Харди, која го обвини за сексуално малтретирање, повеќе пати се обидела да изнуди пари од него, и откако не успеала, го нападнала со лажни обвинувања. Сикрест и Харди со месеци се во спор околу наводното малтретирање, кое е дел од серијата слични скандали што го потресоа Холивуд.

– Личноста која ме обвини за разни ужасни работи се обиде да го наплати нејзиниот молк и повеќе пати ми бараше пари. Одбив да платам. Работев напорно за да го постигнам мојот сегашен успех и не сакам да земам било што здраво за готово. Не сакам било кого да обвинувам дека не ја кажува вистината, но во овој случај немам избор и морам да ги негирам тврдењата против мене, соопшти Сикрест.

Харди возврати со објавување на детали за малтретирањето на кое била изложена. Таа го обвини Сикрест дека излегувал пред неа во долна облека, недолично ја допирал, и дури дека еднаш силно ја удрил. Таа изјави дека како мајка сакала да ја задржи работата за Сикрест, но во исто време била згрозена од односот кон неа.