Рашиди: Заслугата за Извештајот на ЕК е на граѓаните


Алијансата за Албанците го поздрави Извештајот за напредокот на Македонија, местото на Македонија и земјите од Западен Балкан е во ЕУ, изјави пратеникот од оваа партија Сурија Рашиди.

Според него,  тешко е во овие моменти да се бараат тие што придонеле за позитивната оценка во Извештајот, но заслугите повеќе одат на сметка на граѓаните на Република Македонија.

– Има доста работа во овој процес. Во сите сфери има недостиг на резултати почнувајќи од тоа што државата продолжува да биде заложник на политичките партии во овој систем. Во однос на борбата против корупцијата и криминалот, за жал, се уште немаме ниту едно судско решение и некој да се казни што ги украл парите на граѓаните, вели Рашиди.

Посочувајќи на реформите во судството, рече дека не е доволно само да се носат закони, туку тие треба да се рефлектираат во секојдневниот живот и да ги чуствуваат граѓаните. Судството, според него, е селективно, продолжува партизацијата во јавната администрација, а за него, исто така, се важни децентрализацијата, изборното законодавство, економскиот развој, којшто, вели, не е на соодветното ниво и придонесува за иселување на граѓаните, особено на младите.