Рафајловски: УЈП се мајтапи со опрема од 600 илјади евра


Горан Рафајловски, даночен експерт, вели дека ако Управата за јавни приходи не сака да се соочи со хаос кога ќе почне со изготвување на годишните даночни пријави за персоналец во 2019 година, треба да набави сериозна компјутерска подготовка.

„Со цел зајакнување на капацитетите и овозможување непречен прием и обработка на масовни податоци, Управата за јавни приходи изврши набавка на ИТ-опрема (хардвер и софтвер) во вредност од 38.954.495 денари за доградба на системот за е-Даноци и за цели на ИПА-проектот ‘Поедноставување на процедурите за известување и плаќање на персонален данок на доход за даночни обврзници – физички лица’. Оваа опрема е инсталирана и ставена во функција во УЈП годинава“, информираше Управата за јавни приходи.

Рафајловски, пак, вели дека било која опрема со вкупна вредност под 10 милиони евра не е добра.

„Ако ова го тврдат, не се сериозни. Не може да постават сервер само во Скопје, мора и во сите поголеми градови во Македонија. Нека не прават нешто што нема да функционира. Нивната специјална опрема инсталирана и ставена во употреба годинава не можеше да ги прими годишните сметки на фирмите и ГДП пријавите што ние сами ги поднесувавме. Замислете што ќе биде кога УЈП сама ќе треба да ги прави ГДП пријавите за персоналец. Нека не си играат мајтап со опрема од 600 илјади евра. Нека бидат сериозни. Таму треба софтвер од 3-4 милиони евра, и заедно со хардверот, е минимум 10 милиони евра. Сè друго е импровизација“, укажува Рафајловски.

Тој вели дека со закон точно е определено кој може да прима пари од странство без да се оданочат.

„Ако премиерот Зоран Заев сака да не се оданочува сè што праќа дијаспората во Македонија, треба да го смени законот. И, притоа, да внимава на обемот на ослободувањата“, вели Рафајловски.

Премиерот Заев завчера изјави: „Тоа што е помош кон семејствата, од надвор, не е цел на оданочување. Дотациите што нашинците ги испраќаат на нашите граѓани овде, ниту со закон е определено, ниту некој може да ги оданочува, и таа дилема треба да ја отстраниме“, рече Заев.

Рафајловски објаснува дека приливи од странство, без оданочување, може да префрли само роднина од прво колено – татко/мајка на син/ќерка, или сопруг /сопруга ако работи во странство.

„И толку. Сè друго се оданочува. Ако некој сака да не го оданочува приливот од странство, треба да поднесе иницијатива и да оправда зошто бара да се смени Законот за персонален данок. Бидејќи од друга страна, пак, сака за сè што ќе заработуваме над 60.000 денари, не да плаќаме само 11 отсто персоналец туку 18 отсто. Што сме ние, посвојчиња! И, ако се прави промена кај персоналниот данок, ќе треба со усул – да не се оданочуваат до 500 евра добиени од внука, до 1.000 од чичко. Не може да ви дадат 20.000 евра од дијаспора, и да не се оданочуваат. Оваа можност ја користеа луѓе што си работат за ‘Гугл’, за други странски компании, ќе најдат некој роднина во Германија, ќе му ги пуштат таму парите и тој ќе ги префрли во Македонија. И овие пари главно не беа пријавувани во годишните пријави. Има луѓе што примаат по 3-4.000 евра месечно, денар не плаќаат данок. Државата се сака кога ќе се платат сите даноци. Бидејќи и јас, и тие што нејќат да платат ги газиме истите патишта, ја употребуваме истата вода, го дишеме исто загадено Скопје бидејќи нема пари“, реагира Рафајловски.

Од Управата за јавни приходи велат дека приходите што се оданочуваат и што се ослободени од оданочување се децидно дефинирани во Законот за персонален данок на доход, а приходите се оданочуваат без оглед дали се остварени во земјата или во странство.

„Секоја финансиска трансакција на граѓанинот не претставува оданочив приход (на пр. трансфери меѓу членови на семејство), а во платниот промет основите на трансакциите се означуваат со различни шифри. За приходите што граѓаните (резиденти на РМ) ги остваруваат во странство, во Македонија се прифаќа данокот платен во странската држава врз основа на доказ издаден од странската даночна администрација, односно персоналниот данок што треба да се плати во Македонија во ваков случај се намалува за данокот платен во странската држава. Во овој дел нема никаква промена во регулативата“, велат од УЈП.

Анита Салтировска