Растот на грчката економија понизок од очекуваното


Грчката економија постигна раст во 2017 година по речиси една деценија пад, иако стапката на раст е пониска од очекуваната.

Националната статистичка служба Елстат соопшти дека растот на годишна основа изнесува 1,4 проценти, пониско од очекувањата на Министерството за финансии за раст од 1,6 проценти.

– Перспективата за оваа година е добра, се очекува раст од 2,5 проценти, посочи Елстат.

Грција влезе во финансиска криза во 2010 година и беше принудена да прифати три меѓународни програми за спасување. Последната програма завршува во август, по што премиерот Алексис Ципрас очекува земјата да започне да се финансира од меѓународните пазари.

Програмите за спасување беа обврзани со строги мерки за штедење, при што приходите на обичните Грци се намалија за една четвртина.

По избивањето на кризата, бруто домашниот производ се намали од 354 милијарди долари во 2008 година на 194 милијарди долари во 2016 година.