Расте извозот од индустриските зони, се најавуваат нови инвестиции


Комапниите што работат во ТИР зоните во текот на минатата година оствариле за 29,2 проценти поголем извоз во однос на 2016 година, а се очекува и во наредните години да расте.

– Преземените активности во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) во 2017 година, особено во втората половина од годината, бележат позитивни резултати со бранот нови инвестиции и реинвестиции од компаниите во зоните. По објавувањето на Планот за економски раст забележан е зголемен интерес за нови инвестиции на компании со домашен и странски капитал, одредени проекти се во различни фази на реализација, што укажува на раздвижување на инвестициската активност на компаниите, стабилизација на деловната и политичка клима и услови за поинтензивен економски раст на Република Македонија во 2018 година, соопштуваат од Дирекцијата на ТИРЗ.

Посочуваат дека првпат во зоните се нудат еднакви и транспарентни услови за инвестирање и ги отвораат своите врати за домашните инвеститори. Сметаат дека во согласност со зголемениот инвестициски интерес пројавен по однос на мерките од Планот за економски раст и најавите за нови инвестиции се очекува извозот од ТИРЗ да има нагорни стапки на раст и во наредните години.

Во последниот квартал од 2017 година поставен е камен-темелник на турската компанија „Чагатај Кабло“, за производство на жици и кабли, а потпишани се и инвестициски договори со турската компанија „Мурат Тиџарет“ која ќе производува кабли и електрични инсталации и со германската компанија „Кеслер“ за производство на електромотори. – Се реализираат нови инвестиции, се отвораат нови работни места, а со оглед на тоа дека станува збор за извозно ориентирани компании се очекуваат позитивни ефекти во зголеумвање на извозот, стои во соопштението.

Посочуваат дека еден инвестициски проект е во завршна фаза и во брзо време се очекува компанијата да ја донесе одлуката за инвестирање по што ќе биде потпишан и договор помеѓу раководството на компанијата и Владата.

Македонската компанија „Хај-Тек“ и германската компанија „Герман Електро Системс“ според најавите се очекува да започнат со работа на почетокот на 2018 година, додека италијанската компанија „МСА“ е во финална фаза на изградба на новата фабрика.с