Распишани предвремени парламентарни избори во Шпанија


Премиерот на Шпанија, Педро Санчез денеска распиша предвремени парламентарни избори откако не беше изгласан предлогот за овогодинешниот буџет.

Санчез на прес-конференција соопшти дека изборите ќе се одржат на 28 април.

Тоа ќе бидат трети избори за помалку од четири години.

Долниот дом на шпанскиот Парламент во средата не го усвои предлог-буџетот поднесен од социјалистичката Влада, откако не ја доби поддршката од каталонските сепаратистички партии.

Каталонските сепаратисти, заедно со десниот центар и конзервативците гласаа против предлог-буџетот поднесен од Владата на премиерот Санчез. Против буџетот гласаа 191 од 350 пратеници во Долниот дом.

Каталонските партии најавија дека нема да го поддржат предлог-буџетот доколку Владата не прифати преговори за правото на самоопределување на тој регион во североисточниот дел на Шпанија.

Владата не прифати преговори со објаснување дека тоа не го дозволува Уставот на Шпанија.

Санчез стана премиер минатата година, кога каталонските сепаратисти ја поддржаа партијата Подемос, која се спротивстави на владините мерки за штедење, и другите помали партии, во гласањето недоверба на Владата на неговиот конзервативен претходник Маријано Рахој.