Распишана нова меѓународна потерница по Груевски


Обвинителството за организиран криминал издало наредба до МВР за распишување меѓународни потерници против две лица, најверојатно поранешниот премиер Никола Груевски и Никола Бошковски од УБК, кои се во бегство во Унгарија и во Грција. Против нив неодамна беше отворена нова истрага како организатори на насилствата во парламентот на 27 април. Со истрагата се опфатени и поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски, на кого неодамна Собранието не успеа да му го одземе имунитетот, како и поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои се во (домашен) притвор.
-Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Министерството за внатрешни работи достави наредби за издавање централни и меѓународни потерници за две лица. За лицата за кои се донесени наредбите постои основано сомнение дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, предвидено и казниво по член 313 од Кривичниот законик. По спроведената предистрага, на 20 февруари годинава, надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка за петмина, меѓу кои и за овие две лица кои се недостапни на органите на прогонот, соопштуваат од обвинителството.

Оттаму потсетуваат дека јавениот обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 достави предлог за определување мерка притвор за сите осомничени, при што на овие две лица им е определена мерка притвор во траење од 30 дена од нивното пронаоѓање.
И при бегството на Груевски во Будимпешта, каде што доби азил, беше распишана меѓународна потерница за него, а македонските власти немаат добиено сѐ уште одговор од Будимпешта по барањето за екстрадиција на поранешниот премиер.