Рамос: На чекор сме од пласман во финалето


Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос посакува нов пласман во финалето на Лигата на шампионите. „Белите“ имаат водство од 2:1 пред реваншот со Баерн Минхен на „Сантијаго Бернабеу“.

– Имаме искуство и знаеме што значи да играме во финалето на Лигата на шампионите. Ние сме на чекор од натпреварот во Киев, па се надеваме дека ќе стигнеме таму, изјави дефанзивецот на официјалната прес-конференција денеска.

Запрашан дали двете титули на Барселона во Шпанија се повредни од трофејот во Лигата на Шампионите, тој рече: „Барса направи одлична сезона, освои два трофеи. Трофејот во ЛШ би го изедначил со „дублот“ на Барса, можеби дури и малку повеќе. За мене, и двете екипи ќе направат одлични сезони ако работите завршат на тој начин“.

Капитенот на европскиот шампион вели дека излегуваат на мечот како да е 0:0 и воопшто нема влијание резултатот од првиот натпревар на „Алијанц арената“.

– По она што се случи во реваншот со Јуве, сега ја научивме нашата лекција. Црвеното светло навремено се вклучи, рече меѓу другото Рамос.