Рамос: Гризман бил како Меси и Роналдо? Неговото незнаење е многу храбро


Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос, го искажа своето неодобрување на изјавите на Антоан Гризман од ривалот Атлетико дека е на исто ниво како она на Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Асот на „јорганџиите“ и на францускиот национален тим тешко го преживува фактот дека не се најде меѓу тројцата финалисти за наградата „Најдобриот“ на ФИФА, откако освен со светската титула, може да се пофали со трофејот од Лига Европа и Суперкупот на Европа за 2018 година.

– Неговото незнаење е многу храбро, рече Рамос за време на прес-конференцијата на Реал пред утрешниот натпревар на европскиот клупски шампион против Рома во Лигата на Шампионите.

– Кога слушам овој тип како зборува, се сеќавам за Франческо Тоти, Чави, Раул, Иниеста, Икер Касиљас… Постојат големи играчи, кои имаат многу трофеи на своја сметка, но не ја освоиле оваа индивидуална награда. Гризман треба да се посоветува со Чоло (тренерот на Атлетико, Диего Симеоне – н.з.) или Диего Годин, бидејќи тоа се луѓе чии вредности ги споделувам, додаде Рамос.