Рама го разлути американскиот амбасадор во Тирана
Амбасдорот на САД во Тирана, Доналд Лу остро му возврати на албанскиот премиер Еди Рама на неговата вчерашна изјава во албанскиот Парламент, во која иронично го спомена американскиот дипломат.
– Револтиран сум од употребата на моето име во Собранието на Албанија. Рама да зборува во свое име, а ние ќе зборуваме во наше. САД ги разгледуваат обвинувањата против братот на министерот Фатмир Џафај, изјави Лу.
Рама на вчерашната собраниска седница го спомена името на амбасадорот Лу, одговорајќи на обвинувањата на опозицијата за криминални активности на Агрон Џафај, брат на албанскиот министер за внатрешни работи Фатмир Џафај.
– Доколку во сета оваа врева имаше и тронка одговорност на нашиот министер за внатрешни работи, пред да го зборуваме ова, ќе се огласеа нашите пријатели-протагонисти на нашиот политички живот, американскиот амбасадор и амбасадорот на ЕУ, изјави Рама во собранието.
По денешниот коментар на Лу, експресно реагираше и Рама со објава на социјалната мрежа фејсбук.
– Секако дека јас зборувам за себе, а нашиот пријател Лу зборува за самиот себе. Се е нормално, моја работа е да го кажам она што го мислам кога зборувам во врска со тоа, како што е негова работа да каже она што мисли кога го прашуваат во врска со мене, напиша Рама.
Инаку, Агрон Џафај во Италија во отсуство е осуден на седум години затвор под обвинение за меѓународна трговија со хероин, кокаин и марихуана. Според албанските медиуми, италијанското Министерство за правда барало негова екстрадиција уште минатата година.