Ракомет: Хрватска ја победи Црна Гора, Червар со критики за играта


Хрватската ракометна репрезентација ја победи во „генералка“ за претстојното Европско првенство во Сплит селекцијата на Црна Гора со 25-22 (13-10).

Хрватскиот селектор Лино Червар по натпреварот изјави дека е задоволен од победата, но не и од деталите во играта.

– Концентрацијата ни беше многу лоша. Имавме добри, но и лоши моменти и многу работа не чека да поправиме во играта, изјави Червар.

Тој додаде дека не е задоволен со играта на селекцијата во одбраната.

– Во одбраната се победува натпревар, а со напад се губи. Во нападот имавме непотребни грешки, но не може да се зборува за добар натпревар ако одбраната не е добра. Тоа е за мене клучно, додаде тој.

Европскиот првак Германија во контролен натпревар вчера ја совлада репрезентацијата на Исланд со 36-29.

Европското ракометно првенство почнува на 12 јануари. Македонија е во група со Словенија, Црна Гора и Германија. Првиот натпревар Македонија ќе го игра на 13 јануари против Словенија.

За букмејкерите фаворит е Франција (33 отсто шанси за шампионска титула). Следуваат Хрватска (28,7 отсто шанси), Данска (22,2 отсто шанси за освојување на шампионатот). Македонија според нив, има 0,5 отсто шанси да биде шампион на Европа во ракомет.