Ракометарите тргаат кон Германија


Македонската ракометна репрезентација стартува со подготовките за Светското првенство што ќе се игра во Германија и во Данска од 10 до 27 јануари. На првиот собир е најавено отсуствуо на селекторот Раул Гонзалес и неговиот помошник Роберто Парондо, кои поради католичкиот Божик, во Скопје доаѓаат утревечер. Филип Талески е најавен за петок, а ќе доцни и Филип Лазаров. Останатите дваесет играчи започнаа со подготовките.
Со цел проверка на формата пред настапите на Мундијалот, Ракометната федерација закажа два пријателски меча против Србија што ќе се одиграат во скопската сала „Борис Трајковски“ на 4 и на 5 јануари. Првиот натпревар е закажан за 20 часот и ќе биде од отворен карактер, односно вратите ќе бидат отворени за навивачи.
„Влезот е слободен. Ги покануваме сите љубители на македонскиот ракомет да бидат дел од овој подготвителен тест и да им дадат поддршка на нашите играчи. Вториот меч е од затворен тип“, информираат од РФМ.
Македонија е во група заедно со Јапонија, Бахреин, Хрватска, Исланд и Шпанија. Гонзалес засега смета на Томовски, Ристовски, Митревски, Манасков, Георгиевски, Поповски, Филип Лазаров, Талески, Серафимов, Маркоски, Даскалоски, Кире Лазаров, Крстевски, Стоилов, Пешевски, Кузмановски, Танкоски, Чурлески, Димитриоски, Јагуриновски, Лазаревски и Андоновски. Прибак и Миркуловски нема да играат на Светското првенство.
Колкава е силата на македонската репрезентација тешко е да се предвиди, имајќи ги предвид лошите игри на стартот од квалификациите за ЕП и шокантниот пораз во Кожани од Грција.
„Поразот од Грција го доживеав најтешко досега. Потешко и оној од Тунис на квалификацискиот турнир за Олимписките игри. Лично бев во Кожано и засрамен ја напуштив салата. Нема поголем срам од средбите со луѓе на улица и обвинувањата што ги искажуваат за неуспехот. Ова е ситуација во која се прашувате дали сето ова вреди кога некој од друга страна не дава поддршка, а направено е се како треба. Вината за поразот во Кожани е на сите кои беа таму. Без исклучок. Играчите не ги делам на млади и возрасни, меѓутоа неспорно е дека има лош однос и злоупотреба на монополот што го имаат поединци на одредени позиции. Односот мора да се смени. Срамот од Кожани не можеме да го избришеме, но нека биде мотив за мундијалот во Германија“, порачува претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.