Ракометарите од денеска во комплетен состав: Агендата на Раул како устав на подготовките


Македонската ракометна репрезентација, конечно, се комплетира на подготовките за Европското првенство во Хрватска. Во базата се приклучија и Филип Миркуловски и Филип Талески, па селекторот Раул Гонзалез ќе може без никакви пречки да почне со реализација на зацртаната агенда до првиот настап во арената во Загреб. Фокусот во воведните денови е ставен на физикусот за потоа во преден план да бидат анализа на противниците и воигрувања на тактички варијанти во комбинација со двата закажани теста во Белград против Србија и против Саудиска Арабија на 4 и на 5 јануари.

Во јавноста се присутни поделени мислења за бројот на контролни натпревари. Додека едни сметаат дека договорените два се малку, други сметаат дека се доволни, став што го поткрепуваат со изразена силна верба во Гонзалез, но и чувство дека Шпанецот знае што прави. Во контекст на тоа се огласи и селекторот лично.

„Двата контролни меча сметам дека се доволни за воочување на играта пред Европското првенство. Зад нас се заеднички настапи во квалификациите, ракометарите се веќе искусни и со голем број силни мечеви во себе и знаат што сакам и што барам од нив на терен. Затоа сметам дека нема потреба од повеќе од два натпревара бидејќи нема потреба да се трошиме“, коментира Гонзалез.

Премиерата како предвесник на првенството

Какво првенство ќе има Македонија во Хрватска во многу нешта ќе зависи од воведниот настап. Иако нема да биде пресуден, сепак ќе претставува еден вид предвесник за натамошниот тек на турнирот. Евентуален триумф над Словенија на стартот ќе значи огромен исчекор кон наредната фаза меѓутоа и за прекинување на една непријатна традиција која вели дека „црвено-жолтите“ имаат три порази и реми во претходните четири воведни средби на европските шампионати. И на крајот на краиштата, за уривање на непријатна традиција во меѓусебните дуели. Словенците имаат две победи (29:22 на СП 2017 и 30:28 на СП 2015) и двапати ремизираа во пријателските средби во 2016 година (28:28 и 23:23).

Непредвидливи до коска

Многубројни се примерите на големите ракометни смотри на кои македонската репрезентација си поигруваше со нервите на фановите. Речиси и да немаше континентален или мундијалски турнир без меч за инфаркт. „Црвено-жолтите“ се како претплатени на драми, на адреналин, да се надминат против секого, а исто така и да потфрлат. Имало и константни партии, но, резултатски, тензичните претставувања биле далеку почести, сеедно дали со хепиенд или „од готово – вересија“ по истекот на 60. минута.

Таквата перцепција ја дели и Дејан Манасков, играчот на унгарски Веспрем.

„Ништо не се знае со нас. Можеме да загубиме од Црна Гора, на пример, и да триумфираме со Словенија и со Германија. Наш адут треба да биде борбеноста бидејќи немаме дваесетина екстра поединци и на првенството да функционираме од меч во меч. Со Словенците многу се мачиме последните години, па оттука и мојата желба да ги добиеме на стартот“, коментира Манасков кој притоа потенцира дека е најважно да нема повреди за време на подготовките и на самото ЕП. (С.Ѓ.Д.)