Разногласие во ВМРО-ДПМНЕ – и за референдумот


Разногласие за претстојниот референдум владее во највисоките кругови на ВМРО-ДПМНЕ. Партиските функционери се поделени во ставовите дали треба да се бојкотира изјаснувањето на граѓаните или да се излезе и да се гласа „не“ на поставеното прашање, како што има и размислувања дека треба да се даде позитивен одговор во име на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.
Партијата, која во изминатата деценија беше пример за монолитност во ставовите, како за тековни, така и за политички прашања од суштинско значење за државата, сега, според повеќето неофицијални информации што излегуваат од партиската централа, е соочена со изразено „фракционерство“ во своите редови. И тоа не само во однос на договорот за името што го постигна Владата! Тоа, како што се проценува, веројатно е една од причините поради кои новото раководство на сега опозициската партија, притиснато од различните струи, во последните неколку месеци осцилира постојано во ставовите во однос на спроведувањето на договорот со Грција. Така, почетната најава на Христијан Мицкоски за гласање со „не“ се трансформираше во блокада на изборот на ДИК и условувања за амнестија, а последните најави се дека партиските тела допрва ќе носат одлука за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи во кампањата.
– Мали се шансите раководството на ВМРО-ДПМНЕ отворено да повика на бојкот на претстојниот референдум, по сите укажувања од меѓународните фактори дека договорот за името е историски и дека е последна шанса за деблокада на интеграциските процеси на земјава – вели функционер на ВМРО-ДПМНЕ за „Независен весник“.
Според нашиот соговорник, голема е веројатноста ВМРО-ДПМНЕ да упати повик до своите поддржувачи на референдумот да постапат по сопствено убедување. Во таков случај, како што проценува, не е исклучено значителен процент од десничарските гласачи да излезат на избирачките места и со тоа да придонесат за постигнување на потребниот одѕив од над 50 проценти за референдумот да може да се смета за успешен, независно од тоа што не е задолжителен туку е за консултирање на граѓаните.
По изјавата на генералниот секретар Игор Јанушев, дека највисоките партиски тела ќе одлучуваат дали партијата ќе повика на бојкот или на учество на референдумот, неизвесно е сè уште кога ќе се одржат седниците на извршниот и на централниот одбор на таа тема. Според наши информации, имало одредени најави дека партиските тела би можело да заседаваат пред Илинден, ама до вчера доцна попладне не беа закажани седници. Затоа останува отворена можноста, одлуката за настапот на ВМРО-ДПМНЕ да биде донесена по празниците, со оглед на тоа што од партијата најавија „работен август“ или, пак, седниците на партиските тела на оваа тема да се одолговлечат до референдумската кампања, која почнува дури на 10 септември.
Во меѓувреме, додека се чека официјалниот став на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот, партиски функционери се појавуваат во јавноста со спротивставени размислувања за тоа дали треба да се учествува во гласањето или да се оди на бојкот. Така, пратеникот и поранешен шеф на дипломатијата Антонио Милошоски, преку социјалните мрежи отворено повика на бојкот, што во партиски кругови се смета за негово издвоено мислење со оглед на тоа што раководството на ВМРО-ДПМНЕ сè уште нема донесено одлука каков апел ќе испрати до своите поддржувачи. Според Милошоски, референдумско прашање кое, како што оценува, е спротивно на законот и на Уставот од 1991 година не заслужува одговор. Под хаштаг #Бојкотирам, Милошоски, всушност, алудира на слоганот „Некои прашања не заслужуваат одговор“ под кој СДСМ ја водеше кампањата за бојкот на референдумот во 2004 година против територијалната реорганизација, кој беше задолжителен и инициран од Светскиот македонски конгрес. За разлика од тогаш, иницијатори на претстојниот референдум се пратениците од повеќето пратенички групи, тој е консултативен и се однесува на договор кој ги деблокира евроатлантските процеси, како што и територијалната поделба од 2004 година, што ја оспоруваше СМК, беше влог во евроатлантските интеграции на Македонија.
За разлика од Милошоски, кој не е дел од новото партиско раководство и кој и во изминатиот период имаше индивидуални настапи наспроти пратеничката група и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, т.н. реформско крило во партијата последниве денови излегува со ставови за учество на референдумот.
„Право и должност на секој суверен граѓанин е самостојно да учествува во одлуката за иднината и судбината на нашата држава. Се наоѓаме на историски крстопат. Да ја преземеме одговорноста“, напиша на Фејсбук Костадин Богданов, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Поделеноста на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ставот кон референдумот на некој начин се отслика и за време на седницата за негово распишување. Иако генералниот секретар Игор Јанушев пред седницата најави активно и силно аргументирано учество на пратеничката група во расправата за референдумската одлука, како и гласање за неа, дискусијата се сведен на само еден вмровски пратеник. Наместо координаторот Драган Данев, пратеникот Никола Мицевски ги образложи опозициските позиции контра референдумското прашање и карактерот на изјаснувањето. Потоа, опозициската редица во парламентот, без објаснување, остана празна, а одлуката помина мазно – со 68 гласа „за“, така што немаше ниту кој да ги образложи неколкуте амандмани што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ.
Александра М. Митевска