Различни сценарија за референдумот и договорот со Грција


Договорот со Грција, кој ветува да ги отвори вратите на Македонија за евроатлантските интеграции, треба да помине уште неколку пречки во наредните месеци. Прво, тој треба да помине на референдум закажан за 30 септември, а потоа го чека ратификација во Собранието, заедно со придружните уставни измени. Иако сум прилично сигурен дека на крајот договорот ќе се ратификува и ќе стапи во сила, настаните во наредните неколку месеци може да се одвиваат на различни начини, со неколку можни расплети. Најмногу тоа ќе зависи од исходот на референдумот, а најважен ќе биде начинот на кој тој ќе помине или пропадне. Главните детерминанти ќе бидат достигнување на прагот од 50 отсто излезност и дали мнозинство од тие што ќе гласат ќе се определат за договорот. Потоа сè ќе биде во рацете на парламентот, кој и онака ќе го има последниот збор бидејќи референдумот е само консултативен.

  1. Референдумот успева. Се разбира, ова е најпосакуваното сценарио за сите заинтересирани за брзо и лесно усвојување на договорот. Во ова сценарио мнозинството граѓани излегуваат да гласаат, а потоа мнозинство од нив гласаат за договорот. Потоа парламентот го усвојува договорот со придружните уставни измени. Ова сценарио ги отвора вратите и за ВМРО да гласа за ратификација на договорот, бидејќи би било тешко да образложи зошто одбива да ја прифати волјата на граѓаните искажана на референдумот. Договорот така би поминал со широк консензус, факт што би замолчил какво било спротивставување во иднина.

Меѓутоа, ваквото сценарио не изгледа веројатно во моментот, пред сè, поради фактот што ВМРО сè уште нема изградено став за учество на референдумот. А искрено речено, референдумот нема шанси да успее без нивна активна партиципација.

Дел од проблемот се надуените избирачки списоци во кои има 1.800.000 граѓани со право на глас, односно смешни 90 отсто од целокупното население. Овој проблем, кој беше игнориран од сите политички партии во минатото, сега им се враќа како бумеранг и ги удира по глава во најлошиот можен момент. Тоа значи дека за успешен референдум треба да излезат над 900.000 гласачи. Знаејќи дека на избори обично излегуваат околу 1.000.000 гласачи, најмала апстиненција го осудува референдумот на пропаст. Без ВМРО тоа станува целосно невозможно, а исходот е под знак прашалник, дури и со нејзино активно учество во целиот процес. Затоа засега најсигурно е да се претпостави дека референдумот нема да успее поради недоволна излезеност.

  1. Референдумот го поминува прагот на излезност, но мнозинството гласа против. Ова сценарио е најмалку веројатно. Но, ако тргнеме од вообичаениот број гласачи кои излегуваат на избори, со доза на претпазливост мнозинството ќе го сочинуваат околу 550.000 гласови. Овој број гласови би требало да биде лесно достижен за договорот. Сите албански партии, заедно со огромното мнозинство граѓани Албанци, го одобруваат договорот, така што од старт имаме околу 250.000 гласови „за“. Истото тоа може да се претпостави и за другите етнички заедници. Потоа за договорот е доволно да се изјаснат околу 250.000 Македонци, или една третина од вообичаениот број кои излегуваат на избори. Ова е лесно изводливо, макар и секој гласач на ВМРО да гласа против договорот.

Затоа е безбедно да се претпостави дека ако референдумот го достигне прагот од 50 отсто излезност, мнозинството ќе гласа за договорот и референдумот ќе успее, што нè враќа на првото сценарио.

  1. Референдумот пропаѓа само поради недоволна излезност. Занемарувајќи неколку оптимистички и дубиозни анкети, ова во моментот изгледа како најверојатно сценарио. Во овој случај, голем број граѓани излегуваат на гласање, но не се постигнува бројката од 50 отсто. Огромно мнозинство од оние што гласаат, гласаат за договорот.

Бидејќи референдумот не е правно обврзувачки, парламентот може да го усвои договорот дури и во случај референдумот да пропадне. И без постигнување на цензусот, едно силно мнозинство за договорот е цврст аргумент да се каже дека договорот го одобруваат оние што се доволно заинтересирани да го искажат својот став. Се разбира, следниот предизвик ќе биде да се соберат 81 глас за уставни измени, што значи дека гласови треба да се бараат од 10 или повеќе пратеници од редовите на коалицијата на ВМРО. Владејачката коалиција ќе треба да ги повлече сите конци за да го овозможи овој процес и без сомнение за тоа ќе плати скапа политичка цена на наредните избори, но сепак оваа операција е изводлива.

  1. Референдумот пропаѓа и парламентот не го усвојува договорот. Во суштина, ова би значело дека Македонија ги отфрла договорот со Грција и својата иднина во НАТО и ЕУ. Ова би било најкатастрофалната одлука за државата на долг рок и би ја разнишала до темели, бидејќи голем број граѓани, пред сè, сите Албанци, нема да прифатат иднина со затворени врати кон Западот и погледи кон Истокот. Но, токму поради фактот што ваков расплет е толку опасен за иднината на земјата, верувам дека ова сценарио е најмалку веројатно и дека на крај парламентот ќе го ратифицира договорот без разлика на исходот на референдумот.

Се разбира, СДСМ и премиерот Заев на крај ќе платат тешка политичка цена со ваков исход на настаните, но токму ваквите ситуации ги делат секојдневните политичари од вистинските државници, а токму тоа од СДСМ ветуваа дека ќе бидат.

Роберт Несими