Разгледување на Скопје во „Рута на солидарноста“


Во рамките на манифестацијата „Зборува Скопје“ денеска од паркот Мајка Тереза, кај платото пред зградата на ЕВН, почнува „Рута на солидарноста“, преку која граѓаните ќе имаат можност со автобуси панорамски да го разгледаат Скопје со фокус на случувањата поврзани со катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Автобусот ќе се движи покрај Старата железничка станица, кон населбите Тафталиџе 1 и 2, кои се изградени со помош на светската солидарност, покрај улиците Варшавска,Прашка, Лондонска,Осло, Хелсинки, Московска, по булеварот Партизански одреди, спроти поликлиниката Букурешт, подарок од Романија, покрај Универзална сала, подарок од Бугарија, покрај блоковите од Градски ѕид, проект на архитектот Кензо Танге, па покрај стариот театар и околу зградата на МОБ и турата завршува на плоштад кај родната куќа на Мајка Тереза.

Турите ќе се реализираат денеска, утре и во четврток со почеток во 11 и во 17 часот. Ги организираат ЈСП Турс и ЈСП Скопје и ќе се изведат со професионален туристички водич. Двете тури денеска се бесплатни, а утре и во четврток цената на билетот е 150 денари.