Работнички со осуда за расистичките навреди кон Гинјард


 По вчерашниот немил настан во кој играчот на КК Работнички Маркус Гинјард бил погрдно навредуван и провоциран на расна основа во центарот на Скопје, за што тој самиот сподели на социјалната мрежа Инстаграм, од клубот најостро го осудија ваквото недолично однесување и дискриминација.
– Нашиот клуб отсекогаш бил и ќе биде против навреди и поделби на расна, верска, етничка и политичка основа во, но и надвор од спортските терени. Особено не треба да дозволиме да се врши дискриминација по ниту една основа на спортисти и спортски работници кои вложуваат знаење, способност и енергија за развој на македонската кошарка и македонскиот спорт, воопшто. Со вакви поделби губиме сите, за жал, велат од клубот.
Оттаму додаваат дека никогаш не ги поддржувале и нема да ги поддржуваат ниту националистичките пораки што ги упатуваат во спортските арени т.н. љубители на спортот и порачуваат дека на таквите местото не им е на трибините.
– Затоа ги повикуваме сите кошаркарски клубови и целата спортска јавност да ги осудат сите лица што прават дискриминација според расна, верска, национална, етничка и политичка припадност и заеднички да придонесеме за повисока свесност кај граѓаните и љубителите на спортот и кошарката, и да кажеме гласно “НЕ“ за дискриминацијата. НЕ за дискриминацијата во спортот“, се вели во соопштението.
Американецот Маркус Гинјард, изминатата вечер во центарот на Скопје, бил вербално нападнат од група момчиња кои му дофрлале расни навреди.

Тој своето невкусно искуство го сподели на социјалните мрежи.

„Им благодарам на групата македонски момци кои вечерва ме следеа испуштајќи мајмунски крици и ме нарекуваа нигер. Ви благодарам што ме потсетивте дека се уште сѐчувствувате страв од мојата прекрасна црна кожа“, напиша Гинјард на својот инстаграм профил.