Пуштена во употреба автопатската делница Демир Капија – Смоквица


Пуштена е во употреба автопатската делница Демир Капија – Смоквица со што се заокружи со целосно автопатско решение Коридорот 10 низ територијата на Македонија.

Новата делница во должина од 28,2 километра, ќе го скрати за 25 минути патувањето на тој потег од автопатот „Пријателство“. Преку неа годишно се очекува да поминат 730.000 возила, а побрзото и побезбедно патување треба да придонесе за развој на економијата и поголема соработка на регионот и негова интеграција со европскиот пазар, беше порачано на свеченоста на која присуствуваа премиерот Зоран Заев, генералниот директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската комисија Кристијан Даниелсон, грчкиот министер за транспорт и инфраструктура Христос Спирцис, економски министри во Владата…

По новите 28 километри автопат граѓаните ќе може да возат од утре, а денешната церемонија го означи почетокот на кампањата „ЕУ за Тебе“ за инвестиции на ЕУ во транспортната инфраструктура.

– Поврзувањето е основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на ЕУ кон која не водат сите патишта. Овој автопат е еден од нив и во буквална смисла. Овој автопат поврзува и води кон ЕУ. Оваа делница од автопатот „Пријателство“ во себе ја има вградено искрената приказна за поддршка и соработка, рече премиерот Зоран Заев.

Како што потенцираше Даниелсон, новиот автопат ќе го олесни движењето, ќе го поттикне економскиот развој и ќе обезбеди одржливо и побезбедно патување за компаниите и граѓаните кои ќе го користат.

– Изградбата на делницата Демир Капија – Смоквица беше навистина многу комплексен проект во поглед на геологија, како и геотехника, вклучувајќи дека имаше за изградба бројни тунели, вијадукти, високи насипи. Навистина реализацијата на овој проект покажува како може домашни компании од вашата земја рака под рака со компании од Република Грција да работат заедно во реализација на овој важен проект, рече Даниелсон.

 

Вредноста на автопатот изнесува 218 милиони евра во делот на изградбата и 10 милиони евра за надзор, а од вкупните средства 70 милиони евра се грант од ЕУ, а останатите со заеми од Европската банка за обнова, развој и Европската инвестициска банка и шест милиони евра од државниот Буџет.

На новиот автопат треба да има две патарини, кај Гевгелија и кај Демир Капија, за кои пред еден месец беше изградена градежна дозвола и се очекува да бидат завршени за околу осум месеци. Автопатот го градеше грчката компанија „Актор“.

Шестгодишните активности на терен ги одбележаа обвинувања и критики меѓу двете гарнитури. Во октомври лани Владата со анекс на договорот за изградба го продолжи рокот за завршување на автопатот до февруари годинава за да се завршат градежните зафати за изградба на Контролниот центар кај Неготино и за дислоцирање на далноводот на МЕПСО. Специјалното јавно обвинителство минатиот месец објави дека отвора истрага по име „Актор“ за изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица во однос, како што тврдат, на фаворизирање на „Актор“ на тендерот. Во „Актор“ има сомнение и за перење пари.