Путин во ненајавена посета: Русија ги повлекува своите војници од Сирија


Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во ненајавена посета на Сирија и нареди повлекување на руските сили од таа држава.

Путин пристигна во воената воздухопловна база Хмајмим, која е една од неговите ретки посети на Сирија, каде што во изминативе шест години има војна.

Рускиот претседател беше дочекан на аеродромот од претседателот на Сирија, Башар ал Асад, министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, и од командантот на руските сили во Сирија, генерал-полковник Сергеј Суровкин.

Посетата на Путин доаѓа откако силите на претседателот Башар ал Асад ја презедоа контролата над земјата од Исламска држава, со помош на руските воздушни напади.

– Им издадов наредба на министерот за одбрана и началникот на Генералштабот да почнат со повлекување на руските воени сили од местата на постојана дислокација  – истакна Путин пред војниците.

Тој изјави дека генерално, борбените дејствија на оваа територија се завршени со целосното искоренување на терористите.

Путин најави дека во Сирија ќе има две руски постојани воени бази – Хмајмим и Тартус. Руски војници ќе останат во Сирија како дел од мировните напори и заради помош на сириската војска во борбата против терористичките групи во земјата.

За денеска е планирана посета на Путин и на Египет и на Турција.