Професорот доби втора шанса да се качи на Водно


Иако договорен уште во средата на средбата меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, заедничкиот кандидат за претседател на коалицијата на власт се држеше до тајност до последен момент. Сепак, информациите што полека почнаа да испливуваат укажуваат дека професорот Стево Пендаровски ќе ѝ се спротивстави на колешката Гордана Силјановска- Давкова на изборите закажани на 21 април, односно 5 мај. Неговата номинација треба да биде потврдена на неделниот конгрес на СДСМ, што се смета за симболика, па сепак, остава минимум шанси теоријата да не биде претворена во практика. Високи функционери на СДСМ, вчера, сепак, оставаа простор за изненадување во последен момент.

Пендаровски идниот месец ќе наполни 56 години. Во моментов ја извршува функцијата национален координатор за НАТО, но тоа работно место губи на значење со влезот на земјава во воениот сојуз. Иако поддржувач на политиките на СДСМ, не е член на партијата што не му беше плус меѓу тврдото социјалдемократско членство. На парламентарните избори во декември 2016 година беше носител на листата на СДСМ и коалицијата во првата изборна единица. Извојува убедлива победа и стана пратеник во Собранието. Се откажа по само една година стаж во пратеничките клупи и доби можност да ги координира активностите за влез на државата во НАТО.

Пендаровски по вторпат ќе влезе во ринг за претседател на државата. Во 2014 година загуби од Ѓорге Иванов. Во ситуација на тотален хаос на „Бихаќска“ и апсолутна власт на ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски освои 398.077 гласови, додека за актуелниот претседател на државата гласаа 534.910 граѓани. И овој пораз им беше аргумент на неговите противници да кажат дека човек што еднаш изгубил на избори, не треба да бара втора шанса.

„Го победивме еднаш, ќе го победиме пак“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред три недели во Струга кога го избираа својот фаворит за наследник на Иванов.

Дипломираниот правник во 2001 година беше назначен за шеф на национална безбедност и главен советник за надворешна политика на претседателите Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Во 2004 и во 2005 година беше шеф на Државната изборна комисија. Анкетите што во изминатиот период ги правеа социјалдемократите му дадоа значителна предност над другите заинтересирани кандидати: Никола Димитров, Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска. Покрај тоа, добро поминува и кај албанското гласачко тело што секако е важен момент, имајќи ја предвид најавената соработка со Али Ахмети.

Премиерот Заев и вчера преку ден ја тераше водата кон други воденици, па рече дека дури десет имиња и натаму биле во игра како потенцијални консензуални кандидати.

„Во контакт сме со сите политички партии, кои ја изразија својата подготвеност да застанат за заеднички кандидат. Десет имиња се за разгледување, секако имаме и свои фаворити поради тоа што граѓаните ни испратија јасна порака за тоа каков претседател посакуваат да има нашата земја. Ќе ги земеме предвид сите аналитички аспекти во смисла идниот претседател на Република Северна Македонија да биде претседател на сите граѓани, кои ќе го чувствуваат за свој, а истовремено веруваме ќе биде и доволно мотивирачки фактор за да добиеме голема излезност“, истакна претседателот на владата, дополнувајќи оти Пендаровски е еден од тие кандидати, не сакајќи да каже дали е фаворит.

И координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, најавувајќи ја синоќешната средба со Ахмети, рече дека продолжуваат разговорите со сите други коалициски партнери.

„Се вложивме и се вложуваме во овој процес затоа што е многу значаен и вреден, бидејќи граѓаните првпат ќе добијат кандидат за сите нив, за сите граѓани“, напомена Митревски.

Се очекува кандидатот на СДСМ и на ДУИ да добие поддршка и од ДПА на Мендух Тачи и Алтернатива на Африм Гаши, кои се дел од владејачкото мнозинство.

Досега се познати имињата на двајца претседателски кандидати од опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ гласаше за Гордана Силјановска-Давкова, додека Алијансата на Албанците на Зијадин Села и Беса на Биљал Касами му даваат поддршка на третиот професор во изборната трка: Блерим Река.

Горан Адамовски