Протест на хрватските новинари: „Ни ги украдовте медиумите, новинарството не го даваме“


Хрватските новинари протестираа денес во Загреб и од хрватската влада побараа да не се однесува неодговорно и да не учествува во уништувањето на новинарската професија. Протестот насловен „Ни ги украдовте медиумите, новинарството не го даваме“ го организираше Хрватското здружение на новинари (ХЗН).

Според проценките, на протестот се собраа повеќе стотини новинари и луѓе кои дојдоа да дадат поддршка. Новинарите пред зградата на Владата ги прочитаа осумте барања што ги упатија до премиерот Андреј Пленковиќ.

“Ние сме земја во која може да се изгуби тужба врз основа на впечаток, а не врз основа на вистинити факти. Секој никаквец во оваа држава, најлошиот криминалец може да ве тужи за повреда на углед и чест, а вие само сте објавиле вистина“, рече Хрвоје Зовко, претседател на ХЗН.

Од Владата побараа да прекине злоупотребата на судските тужби како средство за притисок врз новинарите. Хрватските новинари бараат и итна смена на раководството на Хрватската радио-телевизија, гонење на напаѓачите на новинари, воведување јавна поддршка за квалитетно новинарство.

Претходно, новинарите застанаа пред зградата на Универзитетот кој е обвинет за водење “крстоносна војна против новинарите и медиумите.”

„Против новинари и медиуми во моментов се водат повеќе од 1.160 судски тужби а новинарите се изложени на политички и рекламни притисоци, закани, загрозување на професионалните права и стандарди, непочитување на медиумските закони и отсуство на сериозна медиумска политика“, нагласи Хрватското здружение на новинари во најавата на протестот.