Протестни ноти меѓу Загреб и Белград поради Јасеновац
Хрватска и упати на Србија протестна нота поради изјавата на српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ во која се истакнува како изјавите на министерот Дачиќ покажале дека Србија продолжува со злоупотреба и со манипулирање на жртвите во логорот Јасеновац во дневнополитички потреби.
Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска денеска и упати нота на Амбасадата на Србија во Загреб во која се изразува длабоко незадоволство заради изјавите на српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ искажани во седиштето на Обединетите нации во Њујорк на 25 јануари 2018 година на отварањето на изложбата „Јасеновац – право на сеќавање“, соопштија од хрватското министерство.
Во нотата се истакнува дека изјавите на министерот Дачиќ во ОН покажале дека Србија продолжува со злоупотребата и со манипулацијата на жртвите во Јасеновац во дневно политички потреби. Хрватското министерство предупредува дека ваквите невистинити и навредливи изјави упатени кон Хрватска и кон нејзините функционери, ја доведуваат во сомнеж искреноста на декларативните ставови на Србија за желбата за помирување и за изградба на добрососедски односи.
На 25 јануари, по повод Меѓународниот ден на Холокаустот, српскиот шеф на дипломатијата во ОН во Њујорк заедно со меѓународната експертска група на историчари од 7 други земји ГХ7, ја отвори изложбата посветена на жртвите холокаустот во концентрациониот логор Јасеновац од Втората светска војна во тогашната Независна држава Хрватска.На отварање на изложбата, која во Србија беше најавена како негување на културата на сеќавање на српските, еврејските, ромските и антифашистичките жртви, министерот Дачиќ упати порака кон хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
– Исто како што Пленковиќ оди во Ерусалим да се поклони на сенките на Јасеновац, очекуваме тоа да го направи и во Хрватска, во самиот Јасеновац и јасно да ги дефинира и да каже кои се жртвите. Дали се 50.000, 100.000 или 700.000, дали и еден човек е убиен поради тоа што е Евреин, или затоа што бил Србин, тоа е срамно, изјави Дачиќ во Њујорк.
Пред да ја упати протесната нота на Србија, хрватското министерство пред два дена остро реагираше на изјавите на српскиот шеф на дипломатијата на отварањето на изложбата со соопштение дека „изразува длабоко почитување на сите жртви на усташкиот режим од Втората светска војна и силно ги осудуваме негови сите злодела, особено злосторствата во логорот јасеновац. Истовремено, од пијатет кон овие жртви, сметаме дека е потполно неприфатливо користењето на страдањата во Јасеновац за дневнополитички и пропагадни потреби.“
Како што највија во Србија, изложбата „Јасеновац право на незаборав“ ќе биде отворена и во Израел и во други земји во светот.