Протести во Брисел против Договорот за миграција, полицијата употреби солзавец


Во Брисел денеска се одржаа протести против усвојувањето на глобалниот Договор на Обединетите нации (ОН) за мигрантите пришто полицијата употреби солзавец и водени топови за растерување на демонстрантите пред седиштето на Европската унија (ЕУ) .

Локалните власти првично го забранија денешниот протест од страв дека може да ескалира и доведе до насилство, но Врховниот суд на Белгија ја повлече забраната со образложение на правото на граѓаните на мирен протест.

Полицијата во Брисел соопшти дека некои демонстранти станале насилни, откако било побарано да се разотидат.

За Договорот на ОН за мигрантите, што на 10 декември во Маракеш, во Мароко, го потпишаа повеќе од 160 земји, приврзаниците тврдат дека обезбедува гаранции за сигурно и хумано движење на луѓето ширум светот, што, наводно, ќе им помогне на националните економии да ја подмладат работната сила.

Противниците на миграцијата, пак, тврдат дека Договорот ќе го доведе во прашање националниот суверенитет и идентитет како и дека ќе се наруши безбедноста на граѓаните.

Станува збор за документ на 34 страници во кој се претставени 23 цели за обезбедување „сигурна, уредна и регуларна“ миграција.