Проруската партија на претседателот Додон победи на изборите во Молдавија


Проруската левичарска Партија на социјалистите (ПС) на молдавскиот претседател Игор Додон освои најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори во Молдавија.

Според се уште неофицијалните изборни резултати, ПС освоила 31,3 отсто од гласовите, пред опозицискиот блок на центристичката популистичка Партија на платформата за достоинство и правда (ППДА) и либералната Партија за акција и солидарност (ПАС) со 26,2 проценти и проевропската социјалдемократска Демократска партија на Молдавија (ПДМ) со 24 отсто.

Изборниот праг од шест проценти за освојување места во Парламентот според пропорционалниот модел го мина уште проруското конзервативно Републичкото општествено-политичко движење „Еднаквост“ (СОР), кое освои 8,4 отсто од гласовите.

Молдавскиот Парламент има 101 пратеници, од кои 50 се избираат според пропорционалниот модел, а 51 според мнозински изборен систем во исто толку изборни единици.

Според досега преброените гласачки ливчиња според мнозинскиот модел, ПДМ освоила 16 пратеници, социјалистите 11, коалицијата на ППДА и ПАС 10, СОР еден, а два мандати добиле независните кандидати.

Аналитичарите оценуваат дека во вакви услови ќе биде тешко формирање на стабилно парламентарно мнозинство, поради што е можно Молдавија да западне во период на политичка нестабилност.

Поранешната советска република Модлавија е длабоко поделена меѓу оние кои се залагаат за поблиски врски со Москва и оние кои се за приближување кон Западот и зачленување во ЕУ.

Друг голем проблем за Молдавија е сепаратистичкиот регион Придњестровје, каде мнозинството од жителите се Украинци и Руси, врз кој Кишињев нема никаква власт и кој практично функционира како независна држава.