Пронајдени 43 илегални мигранти во комбе за транспорт на пецива
Полицијата вчера на автопатот Куманово -Табановце, открила комбе со скопски таблици во кое биле пренесувани 43 мигранти, а на возачот по потекло од радовишко му е одреден 30-дневен притвор.
Како што соопшти МВР, вчера околу 09,20 часот на автопатот во правец од Куманово кон Табановце поточно, кај с.Костурник, од страна на патролна служба од Полициската станица за Граничен надзор Сопот забележано било товарно моторно возило „Ивеко“ со скопски регистерски таблици (кое носело ознаки на компанија за производство и дистрибуција на пецива) при што полициските службеници одлучиле да извршат контрола над истото.
– Kамионот во близина на бензинската пумпа ја намалил брзината со намера да застане, но потоа возачот повторно го стартувал возилото и се дал во бегство со голема брзина. Од страна на патролата товарното возило било следено, при што кај с.Пуковско, Светиниколско, истото влегло во слепа улица, односно во двор од куќа. По ова возачот излегол од возилото и се дал во бегство. Сепак, за кратко време, бил фатен, и било утврдено дека станува збор за Е.А (30) од с.Коџалија–радовишко, стои во соопштението.
Во камионот, при тоа биле пронајдени 43 лица-мигранти, меѓу нив осум малолетни лица. Од Пакистан биле 14 лица, 16 од Ирак и 13 мигранти од Авганистан.
Мигрантите се пренесени во Транзитниот центар Табановце, а од страна на судија за предходна постапка на Е.А. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.