Промоција на книга за Димитар Влахов


Промоција на книга за македонскиот револуционер Димитар Влахов ќе се одржи во четврток 27 декември во седиштето на Социјалистичката партија на Македонија (СПМ) во 12 часот.

„Годинава се навршија 140 години од неговото раѓање (8 ноември 1878 година, Кукуш) и 75 години од неговата смрт (7 април 1953, Белград) и нивното одбележување беше повод да организираме научна трибина на која најистакнати македонски историчари осветлија повеќе моменти од неговото револуционерно дело“, соопштуваат од СПМ.

Во книгата се објавени трудови од Виолета Ачковска, Наташа Котлар, Ленина Жила, Никола Жежов, Тодор Чепреганов, Лазар Лазаров, Стефан Влахов Мицов и Новица Велјановски.

„Во книгата за првпат во Македонија и на македонски јазик се објавени статијата на Д.Влахов „За слободна, обединета и независна Македонија“ – напишана на француски јазик и објавена во 1936 година, неколку непознати писма од Влахов, како и статија на еврејската писателка Жени Лебл за придонесот на Влахов во дозволувањето на доселувањето на Евреите во денешните територии на Израел, за време на Отоманската империја“, се вели во најавата.