Промовирана биографијата за Маги од ЕКВ: Повеќе од 400 емотивни страници
Начинот на кој Маргита Стефановиќ – Маги (клавијатурстка на култната група „Екатерина Велика“) живеела и умре е тема на контроверзни толкувања. Токму поради различните начини на интерпретирање на тоа што во целина претставува Маги и каков белег оставија членовите на бендот со својата музика на овие простори, авторот Душан Весиќ реши да напише книга во која се обидува да ги даде одговорите на сите прашања.
Книгата „Маги – Како таа да беше некогаш“ беше промовирана викендов и во Скопје во рамките на есенското издание на фестивалот за музички документарци „Скопје синема сити“. Пред промоцијата во Кинотеката на Македонија беше прикажан и документарниот филм за бендот „ЕКВ – Како да беше некогаш“, кој е во режија токму на Душан Весиќ. Присутна беше и косценаристката на овој филм, Сандра Ранчиќ. Премиерното прикажување на филмот беше пред десет години во Загреб, а сега првпат беше официјално прикажан и во Македонија.
Весиќ е еден од највлијателните рок-новинари во Југославија, тој пишувал речиси за сите релевантни весници и магазини од тоа време промовирајќи ја рок-културата. Бил и уредник на магазинот „Рок и рок-поп“ и директор на фестивалот „Белградски шлагер – менаџер“.
Има направено осум документарни ТВ-серии, меѓу нив и „Роковник“ од 40 епизоди. Има објавено три книги за „Бјело дугме“: „Крадците што не ги фатија“ (1985), „Што би дал да си на мое место“ (2014) и „Бјело дугме 40 години“.
Малкумина знаат дека во животот на Маги речиси сите одлуки ги носела нејзината мајка. По завршувањето на средно музичко училиште, токму мајка ѝ, Деси, одлучува Маги да продолжи да студира архитектура. Таа го завршува факултетот со цел да однесе дома диплома и мајка ѝ да биде задоволна, но нејзината остроумност ѝ носи и архитектски награди за некои нејзини проекти.
Во книгата ќе прочитаме и за сите нејзини љубови, но и тоа како тие ја доживувале. За нејзината постојана потреба да добие внимание, како последица дека не ја добивала соодветната грижа од мајка си, со која била постојано и тоа што нејзиниот татко бил често отсутен од дома.
Душан, како новинар и пријател на членовите на ЕКВ, ниту еднаш во животот не напишал текст за нив во својата кариера. Во една пригода Маги го прашува зошто ги мрази и зошто никогаш не пишува ништо за нив. А Душан ѝ одговара дека еден ден ќе сними филм. На тоа ветување се потсетува во моментот кога си заминува од погребот на Маги во 2002 година. Успева да го заврши филмот шест години подоцна.
Книгата за Маргита Стефановиќ – Маги е последната, која е всушност и дополнување на документарниот филм.
– Ѝ ја должев оваа книга на Маги и навистина не знам дали ова за мене беше награда или казна. Да копаш по туѓи рани, не е среќна околност за еден писател, а ова беше буквално копање по туѓи рани – запишува Душан во воведот на својата книга.
„Во земја во која сè е неумерено и сите толкувања за Маги се движат од крајност во крајност, или од ‘најголема уметница’ до ‘најголема наркоманка’, потребна е сериозна валоризација на нејзината уметност, но и на нејзиниот живот во целина“, смета Душан.
Книгата распослана на повеќе од 400 страници го прикажува хронолошки животот на Маги од најрано детство, па сè до нејзината смрт. Според Весиќ, ова издание нема претензии да биде дефинитивна нејзина биографија и вели дека иако некои од работите ги расветлува, други прашања ќе се отворат по читањето на оваа книга. Тој развива и една теза во текот на книгата дека со умирањето на Маги ја снема и средната класа на овие простори.
Во предговорот на оваа книга познатиот српски актер Светозар Цветковиќ запишува:
„Од сликата дека еден ангел кој оди во својата осумнаесетта или деветнаесетта година, преку сликата на нескротлив талент, за кој не само што секој се врти по улица, туку секој се превртува во сон. Личност што успева да ја пополни секоја деструкција на организмот, деструкцијата на животот, да има крај кој ниеден човечки живот не заслужува. Тоа е еден долг пат кој се одвивал во кратко време“.
Големата посетеност на прикажувањето на филмот за ЕКВ и промоцијата на биографската книга за Маги е само потврда дека нивното творештво е сè уште актуелно.
Организаторот на фестивалот и селектор на програмата, Ненад Георгиевски, вели дека со овие проекциите викендов се заврши еден долг циклус на филмски настани.
– Задоволен сум за одѕивот како за последниот настан и сè што се случуваше оваа година. За есенсково издание имавме одлична проекција на филмот за ЕКВ, заедно со авторите на филмот Душан Весиќ и Сандра Ранчиќ. После проекцијата на филмот, имаше одлична сесија на разговор со Весиќ за време на која се зборуваше и за филмот и за неговата последна книга „Маги: Како да таа беше некогаш“. Се разви убава дискусија после филмот помеѓу публиката и гостинот. Имавме и други презентации за време на овој настан бидејќи Ранчиќ е уметнички директор на ист ваков фестивал во Белград. Сè на сè сум презадоволен бидејќи тука ги поставивме елементите врз кои ќе го градиме следното издание на „Скопје синема сити“ и некои други проекти надвор од државата“, вели Георгиевски.
Годинава, „Скопје синема сити“ организираше четири филмски настани, на кои вкупно беа прикажани 26 музички документарни филмови и една изложба на џез-фотографии. На Фестивалот оваа година уметник во фокус беше јапонскиот филмски композитор Руичи Сакамото, со чиј филм „Кода“ на Стивен Номура Шибле беше отворено летното издание и кому фестивалот му врачи и награда за животно дело за „Достигнувања во филмот и музиката“.
Непосредно пред да започне есенското издание на фестивалот, пристигна и благодарница од Сакамото и испрати фотографија на која позира со наградата од Скопје. (И.Н.)