Прокиснуваат речиси сите згради од „Скопје 2014“
Владата бара долготрајно решение за административните објекти кои се изградија во „Скопје 2014“ а прокиснуваат после речиси секој пообилен дожд. Последниот случај со Државниот архив сместен во зградата на Археолошкиот музеј е причина сегашната власт да ја исправи, како што велат грешката и нелогичното однесување на претходната Влада.
„Не е само зградата на Државниот архив, туку 90 отсто од објектите изградени во проектот ‘Скопје 2014’ ги покажуваат истите проблеми со кои секојдневно се соочува и Владата и вработените во тие институции. Нема да донесуваме одлуки кои се на штета на Буџетот и на институциите во Македонија. Направена е така сложена конфузија со преминувањето на вработените од старата во новата зграда така што кое било решение не може да биде идеално ниту за јавното обвинителство ниту за архивот. Приоритет е да го заштитиме националното богатство, материјалите кои се таму. Второ, важно е архивот да продолжи со својата работа, лабораторијата да продолжи да архивира и како Влада да донесеме решение кое ќе биде долгорочно и функционално“, истакна Бошњаковски. Посочи дека штетата предизвикана од последните обилни врнежи сè уште се проценува.
За последното прокиснување во Архивот, алармираше министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Посочи дека поради несоодветна изведба на објектот, архивската граѓа е загрозена после секој пообилен дожд. (Д.Т.Д.)