Продуцентот на серијата „Македонија“ вели дека нема што да кријат и сите информации ќе ги изнесат во јавност


Отворени сме за соработка и ќе ги доставиме сите документи и информации поврзани со нашата работа. Сакаме да упатиме реакција на изјавата на в.д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија кој информира на прес-конференција дека Јавното обвинителство покренало постапка за криминал во целиот проект и свесно ја изманипулира јавноста за целиот случај што покажува на неговата личност и намера во целост.

Ова денеска го истакна продуцентот на серијата „Македонија“ Винко Грубишиќ во реакција до јавноста во врска со вчерашната изјава на в.д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, кој рече дека досега до Агенцијата не е пристигнат никаков продукт од серијата и не се знае каде се потрошени парите.

– Ние за разлика од Горјан Тозија немаме што да криеме и ќе соработуваме со надлежните институции, и ќе ги дадеме на располагање сите информации. Ја поздравуваме предистражната постапка со оглед дека немаме што да криеме и сме постапувале согласно законот, се наведува во реакцијата на Грубишиќ.

Според него, Тозија се сретнал со претставници на „Јадран филм“ и не само што ја договорил динамиката на продукцијата, туку и се вклучувал во именување на лица од заедничка доверба на чело на продукцијата, Борис Грегуриќ.

– Ние сме компанија која има 71-годишно искуство, која продуцирала преку стотина филмови и најскапи серии и никогаш не фалело ни еден денар. Така ќе биде и овој пат, наведува Грубишиќ во дописот до јавноста.

Како што тврди, ова е обид за компромитација на проектот од страна на Тозија и како би се запреле сите подметнувања, „Јадран филм“ службено понудил двојна гаранција за секој денар од страна на матичната компанија, како и од него лично како продуцент, тврди Грубишиќ.

Како што објави претходно МИА, Тозија вчера изјави дека Агенцијата за филм нема добиено серија, нема добиено документи, ниту известувања каде се потрошени парите што се веќе уплатени за првата серија од серијалалот „Македонија“, односно 80 отсто од 68 милиони денари, што е 1,2 милиони евра.

Рокот за испорака на првата сезона од 14 епизоди требало да биде 4 септември годинава, но се уште ништо не е испорачано. Тој истакна дека финансиската полиција и обвинителството веќе покренале истрага за случајот. Тој рече дека Законот за филм е променет само за да ги задоволи барањата на конкурсот за оваа серија, односно тој е изменет во делот каде што се вели финансирање филмови и други аудио-визуелни дела, каде што спаѓа и оваа серија.

Агенцијата за филм се согласила продуцентот да учествува во кофинансирање на проектот со 17 милиони денари, но во Агенцијата не е доставена потврда за сопствено учество на продуцентот Друштво за филмска и видео продукција Јадран Филм ДООЕЛ Скопје, која е наведена во апликацијата за проектот.

Како што истакна Тозија, комисија од Агенцијата, а потоа и од Министерството за култура, извршиле инспекција во продукциската куќа, но не нашле ништо, а на адресите кои им ги давале од „Јадран филм“ наоѓале адвокатска канцеларија, кафе бар и други фирми. Тозија наведе дека и самиот се сретнал со продуцентот, но како што кажа, не дал уверување дека ќе ја испорача серијата.