Продолжува црната серија на МЗТ Скопје во АБА лигата


Екипата на МЗТ Скопје Аеродром запиша уште еден пораз, шести по ред во регионалната кошаркарска АБА лига. Вечерва „штрковите“ загубија на гостувањето кај Цедевита со 77:65.

Решавачката разлика домаќините ја направија во финишот на првата четвртина (20:3) за позитива од 16 поени (24:8). Тоа како да ги освести „сино-белите“ кои заиграа подобро, па намалија на само минус четири (33:37) пред крајот на првото полувреме. Но, потоа му дозволија на ривалот одново да се размавне и со седум поени во низа да дојде до 44:33 на крајот од периодот, а потоа и до највисоки плус 17 (55:38).

Огромната негатива пак делуваше „отрезнувачки“ за избраниците на тренерот Александар Тодоров, кој пак силно возвратија, овој пат со серија 17:5 за минус пет (55:60). Но, тоа како да им ја одзеде целата сила па Цедевита одново поведе со двоцифрена разлика, која ја сочува до самиот крај.

Никола Павличевиќ средбата ја заврши со 18 поени и шест асистенции, Ѓорѓе Спасојевиќ додаде 14 поени.

Следната недела екипата на МЗТ Скопје дома го игра можеби најважниот меч досега во борбата за опстанок во АБА-лигата, дома против Морнар.

МЗТ е последен на табелата со две победи и осум порази.