Продолжува политичкото преструктуирање, ДПА ги „мерка“ македонското ФБИ и МВР


Аналитичарите скептични: За реформи се потребни храбри чекори, не исполнување партиски ќеифови

По преселбата на „Алијансата“ во опозиција, владини извори тврдат за „Независен весник“ дека веќе започнале првите контакти за приклучување на ДПА во Владата. Истите извори потврдуваат дека премиерот Зоран Заев на Мендух Тачи ќе ми ги понуди истите владини позиции што претходно ѝ беа понудени на партијата на Зијадин Села, поточно вицепремиерското место за реформи. Според најавите, од ДПА сепак како услов го поставиле барањето да им припадне МВР, како и едно место во „македонското ФБИ“, при што од Владата наводно одговориле со 10 директорски и едно место заменик-министер во Министерството за одбрана.

Интензивирање на средбите меѓу Тачи и Заев се очекува веднаш по божиќните празници. Тачи во последната кампања за парламентарните избори минатата година им вети дека неговата партија ќе биде дел од владиниот состав. Дека ова сценарио е можно, потврдува и ставот на ДПА. Иако партијата на Тачи во последните неколку месеци е повлечена од јавноста, отсекогаш била на ставот дека реформската влада на Заев ја има нивната поддршка.

Сепак, политичките аналитичари гледаат со доза на скептичност на ваквиот развој на политичката сцена. Според Џенис Сулимани, поради тенкото владино мнозинство, премиерот Заев во Владата ќе ја прими ДПА која, пак, како што нагласува Сулимани, треба да ги усогласи ставовите со ДУИ за да не се повтори грешката со „Алијансата“ на Села.
„Бидејќи моментално бројките на парламентарното мнозинство не се константни, секоја нова поддршка е добредојдена. Дадените ветувања во врска со реформите оваа влада треба да ги исполни со цел да покаже дека се разликува од минатата злобна влада. Но, за да се исполнат реформите, потребна е голема посветеност и стабилно парламентарно тело. ДПА сѐ уште јавно не се изјасни дали ќе биде дел од Владата и дали врз себе ќе го земе товарот на владините ветувања, но и за своите ветувања дадени за време на кампањата. Она што е најважно е дека ветувањата на ДПА се совпаѓаат со тие на СДСМ. Јас лично мислам дека ДПА би функционирала со ДУИ само ако овие партии однапред се договорат меѓусебно. Ова ќе биде потребно за да се одбегне грешката што се случи меѓу ‘Алијансата’ и ДУИ, кога со поделени ставови влегоа во владините структури“, изјави Сулимани.

Сопственикот на дневниот весник „Лајм“, Фејзи Хајдари, оди чекор понапред. Според него, премиерот Заев со „исфрлањето“ на „Алијансата за Албанците“ само ѝ угоди на ДУИ, а им наштети на реформите. Хајдари оценува дека ДУИ и ДПА се послушни партии во која било влада, и со такви партии не може да се надеваме дека бараните реформи од ЕК ќе бидат успешно реализирани.
„Не верувам дека Владата ќе добие нешто со излегувањето на ‘Алијансата за Албанците’ или со вклучувањето на ДПА во однос на реализирањето на реформите што беа ветувања на Заев за време на кампањата. Според мене, со последниот свој потег околу ‘Алијансата’ премиерот Заев немаше намера да ги реализира реформите, туку само да ѝ угоди на ДУИ, партнерот на која било Влада. Не верувам дека со послушна партија, каква што е ДУИ, а во последно време и ДПА, можат да бидат реализирани реформите. Тие бараат квалитетни и креативни политички капацитети, бараат и жртвување и храброст, а не правење ќеиф на одредена партија. Оценувам дека владата на Заев со последниот потег не доби ништо во смисла на собирање енергија потребна за такви реформски чекори туку, напротив, во недостиг на таков реформски и храбар чекор, ѝ прави ќеиф на ДУИ. Каква реформа фактички би претставувал законот за употреба на јазиците, а не албанскиот јазик? Закон што не го решава прашањето за официјалната употреба на албанскиот јазик, туку едноставно ‘глуми’ дека е решение на еден голем проблем за Албанците што Ахмети и ДУИ, и по 17 години во влада, не успеваат никако да го решат. Нема потреба да зборуваме за други реформи кои оваа влада треба да ги реализира. Со други зборови, Заев и по толку месеци не успева да собере реформски капацитети во Владата која всушност го носи името ‘реформска’. Реформите бараат конкретни чекори и решенија, а не канцелариски ‘реконструкции’ и партиски ќеифови!“, заклучува Хајдари.

Иако Заев оваа година ја пречека со тенко и проблематично парламентарно мнозинство, сепак отфрли секаква можност за нови предвремени парламентарни избори.

Блерим Исмаили