Продолжуваат конзерваторските проекти на Стоби


На археолошкиот локалитет Стоби со кој управува Националната установа за управување со археолошкиот локалитет – НУ Стоби, паралелно се реализираат неколку конзерваторско-реставраторски проекти на одделни делови од овој значаен локалитет.

Во тек е конзервацијата и реставрација на мозаиците од јужниот кораб на Епископската базилика во Стоби финансиран од Министерството за култура со 500 илајди денари.

Мозаичките сегменти кои биле извадени од нивната оригинална местополoжба во текот на 70-те години од минатиот век, ќе бидат целосно конзервирани и поставени на нови носачи од алуминиумско саќе во текот на оваа година, За наредната година предвидено е финализирање на реставраторските зафати и враќање и изложување на мозаичките сегменти во нивната оригинална местоположба во Епископската базилика во Стоби. Овој проект е под раководство на конзерваторот за мозаици Томе Филов, а учестува меѓународен тим од студенти од неколку универзитети од САД, Канада и Германија.

Почна и реализацијата на проектот за археолошки доистражувања, конзервација и реставрација на античкиот театар од Стоби. Оваа година археолошките истражувања се фокусирани на откривање и дефинирање на супструкцијата од горната половина на гледалиштето од театарот, а паралелно се одвиваат и конзерваторските работи на веќе истражените ѕидови и сводови од долната половина на гледалиштето. Целосната конзервација и реставрација на долната половина од гледалиштето треба да биде завршена до ноември 2018 година, по што овој дел од театарот ќе биде подготвен за реконструктивни зафати, односно за поставување на мермерни седишта.

Археолошките истражувања ги предводи м-р Гоце Павловски од НУ Стоби, а со конзервацијата на објектот раководи проф. д-р Трајче Нацев од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во проектот учествуваат и голем број на студенти од археолошкото здружение „Аксиос“ од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, а истиот е финансиран од Министерството за култура со 1,35 милиони денари.

Во тек е и завршната фаза на проектот за заштита на крстилницата од Епископската базилика во Стоби кој е финансиран со грант од амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културното наследство во Република Македонија, во висина од 89 илјади долари. Проектот се реализира под раководство на Мариана Филова и м-р Мишко Тутковски од НУ Стоби, со помош на надворешни соработници од Музејот на Македонија и Археолошкиот музеј на Македонија. Конзерваторско – реставраторските работи на камената пластика и на мозаиците од крстилницата ќе се комплетираат до крај на септември.