Продолжи судењето на Груевски за мерцедесот


Денеска во кривичниот суд продолжи судењето за предметот „Тенк“ на специјалното јавно обвинителство, кој се однесува на набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, во кој се обвинети експремиерот Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски.

На минатото рочиште судот одлучи на Јанкулоска да ѝ се суди одвоено поради ризична бременост.

Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Јанкулоска, за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Возилото од Министерството требало да му се даде на користење и на Груевски, кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но за тоа не сакал да се дознае во јавност.