Пробиен ли е рокот за Законот за јазици ?


Иако утре истекува рокот што спикерот Талат Џафери го спомна како последен за почеток на расправата за Законот за употреба на јазиците, во трето читање, не е закажано продолжение на 32.седница, на чиј дневен ред е регулативата што е дел од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ.

Шансите, Собранието да заседава утре се мали, меѓудругото и затоа што недела е неработен ден и не е практика тогаш да се одржува седница.

Нема најави дали парламентот ќе се состане воопшто до крајот на овој месец, со оглед на големиот број патувања што им престојат на пратениците.

Џафери, на неодамнешниот брифинг со новинарите тврдеше дека е во постојана координација со пратеничките групи, па и со ВМРО-ДПМНЕ,околу блокадата на парламентот, до која дојде кога опозицијата поднесе над 35 илјади аманадмани на Законот за јазици, откако претседателот Ѓорге Иванов реши да не го потпише указот за негово стапување на сила.

Законот за јазиците, со кој се унапредува службената употреба на албанскиот јазик, беше донесен на 11 јануари, поради што утрешниот датум, согласно деловничките одредби, се смета за последен за почеток на расправата во трето читање, бидејќи меѓу двете фази треба да поминат најмногу 30 дена.