Приштина ќе гради џамија копија на Селимија од Едрене


Приштина – Шест години откако исламските лидери и владини претставници го поставија камен-темелникот на новата централна џамија во Приштина – камената плоча сега е скриена под плевелите на паркингот.

Откривањето на плевелот открива дека камен-темелникот е покриен со светлоцрвени графити – смртни закани за косовскиот главен муфтија, заедно со зборовите: „Нема турски џамии или ќе има крв“.

Имаше контроверзии околу проектот вклучувајќи го и отфрлањето на плановите на почитувани архитекти и оној на Заха Хадид, во корист на копии на голем број стари џамии во отомански стил.

Но сега се чини дека населбата Дарданија во Приштина конечно ќе ја добие својата нова џамија. Изградбата треба да почне напролет.

Џамијата е подарок од Турција за Косово, со што ќе се прослави десетгодишнина од независноста. Дваесет години по војната со соседна Србија, во која загинаа илјадници и беа раселени стотици илјади лица, Белград сè уште го смета Косово за своја територија. Некои од муслиманските религиозни водачи во Косово, каде што 95 отсто се муслимани – велат дека десетици џамии кои биле уништени сè уште не се обновени.

„Во Европа нема ниту едно село без црква, но тука во Косово има најмалку 50 села без џамија“, забележува главниот муфтија Наим Трнава во својата канцеларии во близина на градската Империјална џамија. За време на исламските празници толпата верници во оваа џамија од времето на османлиската ера, изградена во 1461 година, често се прелева на улицата. Трнава е загрижен од вжештената дебата за новата џамија во Приштина – за него тоа е практична неопходност „за славење на Бога и ништо друго“.

Косово сè уште се бори да издвои место за себе во овој немирен дел од Европа во услови на слаба економска перспектива. На младата држава ѝ се потребни сите пријатели што може да ги добие.

Меѓу оние што најмногу го поддржуваат е Турција, која има направено огромни инвестиции таму и е цврст застапник за меѓународно признавање и евентуално пристапување во НАТО и во ЕУ. Како што изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на посетата на земјата во 2013 година: „Турција е Косово, а Косово е Турција“.

Образец за новата главна џамија во Приштина е познатата Султан Селим џамија во Едрене

 

Овие зборови одѕвонуваат во Турција чија наметлива надворешна политика се карактеризира како „неоотоманство“. Косово игра важна улога во турската империјална историја: битката за Косово во 1389 година го означи поразот на средновековното Кралство Србија и почетокот на османлиското освојување на Југоисточна Европа. Империјата продолжи да владее со Косово речиси 500 години носејќи ги со неа исламот и многу други културни влијанија.

Големата џамија во Приштина нема да биде натурена, па зошто доаѓа контроверзноста? Кога тогашниот градоначалник на Приштина, Иса Мустафа, го постави камен-темелникот, земјиштето веќе беше донирано од локалната општина. Мустафа стана премиер на Косово и ја држеше таа позиција до минатата година, но џамијата никогаш не беше изградена.

Исламската заедница во градот тврди дека требало долго време да се избере победничкиот дизајн и да се осигура дека одговара на локацијата. Општинската власт на Приштина прави обиди за да ја одобри џамијата, но оваа година конечно издаде градежна дозвола.

Опозицијата на многу нови џамии низ Европа е вкоренета во страв од исламот, но кога 19 од секои 20 луѓе тука се муслимани, отпорот кон новата џамија во Приштина не се вклопува во тој тренд. Некои жители се навредени бидејќи во тоа гледаат симбол на зголеменото влијание на Турција, додека други се сомневаат во притаено враќањето на верата во секуларниот, постсоцијалистички јавен простор.

 

Еден од дизајните беше на познатото архитектонско студио ООДА

 

Меѓу најгласните противници на проектот се локалните архитекти. Иако јавниот тендер ја нагласи потребата за оригинална зграда, избраниот дизајн е класично отомански. Проектот го надгледува Директоратот за религиозни работи на турската држава, Дијанет, кој во изминатите години изгради десетици други џамии низ целиот исламски свет, а некои го опишуваат како клучно средство за ширење на турското влијание.

Дијанет вели дека џамијата ќе се заснова на познатата Султан Селим џамија од 16 век во Едрене во европскиот дел на Турција. Накусо, новата џамија во Приштина повеќе ќе личи на стотиците изградени во Балканот под турска власт – само многу поголеми.

„Над 30 проекти беа поднесени само неколку месеци по објавувањето на огласот во 2012 година. Дури и Заха Хадид предложи проект“, вели архитектот Арбер Садики. „Но пред да биде затворен конкурсот, интервјуата почнаа да се појавуваат во печатот, а во нив муфтијата опиша како ќе изгледа новата џамија. Проектите требаше да бидат оригинални, но избраниот е само копија од отоманската џамија. За мене одлуката изгледа повеќе политичка отколку архитектонска. Знам дека извонредни архитекти работат на современи џамии во Турција. Зошто не можеме да ја ставиме Приштина на мапата со нешто слично?“

Во Југославија, за време на Тито, старата чаршија во Приштина и многу историски градби во центарот на градот од османлиската ера беа уништени како дел од кампањата за модернизација која го зацврсти јавниот простор. Како резултат на тоа, објаснува Садики, модерната Приштина во голема мера е поствоен град, а малку е изградена од 1970-тите наваму. Најпрепознатливата зграда во Приштина денес е нејзината модернистичка национална библиотека со купола, изградена во 1982 година.

Но некои косовски муслимани протестираа поради недостигот на простор за да учествуваат во молитвите. Тие гледаат двојни стандарди, имајќи предвид дека во 2007 година е изграден голем католички катедрален храм, иако христијаните сочинуваат само три отсто од косовското население.

Приштина не е единствениот град во Косово каде што имаше изградба на џамија финансирана од Турција. Во Митровица судирите во 2000 година доведоа до поделба на градот на јужен (албански и муслимански) и северен дел (Срби и православни христијани). Помалата северна област го истакнува својот српски идентитет, со нова православна црква и многу фотографираниот мурал на кој пишува „Косово е Србија, Крим е Русија“.

Поголемиот јужен дел на градот е украсен со албански знамиња и споменици на борците од Ослободителната војска на Косово – како и најголемата џамија на Косово, која беше отворена во 2014 година и е именувана по областа во Истанбул, Бајрампаша, која ја финансираше нејзината изградба. Внатре, таа е колоритна и нагласено османлиска.

Проектот на легендарната архитектка Заха Хадид беше многу футуристички

 

Немаше џамија како таа порано во градот – меѓу 150 и 200 беа уништени во Косово за време на војните во Југославија, многу од нив едноставни и скромни. За муслиманите во Митровица, џамијата Бајрампаша е симбол на искупување, ако не и помирување.

Во Приштина, пак, постои чувство дека Турција ја презела иницијативата поради западната незаинтересираност да го прошири своето влијание во просторот кој Анкара го третира како дел од својот двор.

„Луѓето се прашуваат: зошто тука не доаѓаат западни инвеститори? Дали е тоа затоа што сме муслимани? Чувството е дека единствената врата отворена за нас води кон Турција – а некои сакаат да одат низ неа“, вели Џабир Хамити, професор за исламски студии на Приштинскиот универзитет.

(Гардијан)